Во тек е 59-та седница на Советот за човекови права на Обединетите Нации, каде што Македонија учествува како член со мандат за периодот 2025–2027 година. Седницата започна на 16 јуни и ќе трае до 9 јули, кога ќе се одржи и гласањето за низа важни резолуции поврзани со човековите права ширум светот.
Во рамки на оваа седница беше презентиран Извештајот на специјалната известувачка за состојбата на човековите права на палестинските територии окупирани од 1967 година, Франческа Албанезе, во кој таа истакнува:
„Додека политичките лидери и влади ги избегнуваат своите обврски, премногу корпоративни субјекти профитираа од израелската економија на нелегална окупација, апартхејд, а сега и геноцид.“
Во пресрет на ова гласање, иницијативата „Сите за Палестина“ започна јавна петиција со која се бара Македонија повторно да гласа ЗА резолуциите кои се во корист на човековите права на палестинскиот народ.
„Македонската јавност изразува длабоко разочарување поради неодамнешното гласање на нашата држава на 58-та седница, кога Македонија – заедно со само уште една држава – гласаше ПРОТИВ резолуцијата која го потврдува правото на самоопределување на палестинскиот народ“, велат од „Сите за Палестина“.
Според нив, тоа гласање претставува срамно отстапување од историската борба на македонскиот народ за слобода, достоинство и антифашизам.
„Историски, Македонија секогаш стоела на страната на угнетените и потиснатите – од борбата против фашизмот до залагањето за човекови и малцински права. Македонија исто така има обврски преземени преку Универзалната декларација за човекови права, Женевските конвенции и други меѓународни договори кои ги има потпишано, а не ги почитува“, истакнуваат од иницијативата.
Како членка на Советот за човекови права, Македонија има зголемена одговорност да застане на страната на правдата, а не на страната на угнетувачот, сметаат од „Сите за Палестина“.
„Малите држави како Македонија можеби немаат воена или економска моќ, но имаат глас – што може да биде на страната на правдата, животот и меѓународното право“, посочуваат оттаму.
Петицијата повикува на почитување на меѓународните конвенции кои Македонија ги има ратификувано, враќање кон гласaње во корист на резолуции што ги штитат правата на Палестинците, прекинување на политиката на соучесништво со злосторства против човештвото и јавно осудување на геноцидот кој секојдневно се одвива пред очите на светот, велат од иницијативата.
„Во прилог на петицијата, прикажана е и анализа на гласањето на Македонија низ годините, каде се гледа јасен пресврт: од гласање ‘за’ човекови права на Палестинците во периодот 2014–2016, до срамни ‘против’ гласови и воздржувања во 2025. Македонија мора да се изјасни јасно: НЕ во наше име! НЕ за геноцид! Да за правдата, достоинството и слободата!“, заклучуваат од „Сите за Палестина“.

Извор: „Сите за Палестина“