[Фото] По 11 години граѓанска заложба, Битола доби велосипедски патеки од 5 километри

Започната во 2014 како упорен глас и визија на „Битола на точак“, иницијативата за велосипедски патеки по цели 11 години добива свој епилог – Битола конечно влегува на мапата на вело – градови со изградени велосипедски патеки од над 5 километри.

„Еден од првите посериозни состаноци кога започнавме ни беше во СВР, каде што ни го презентираа баш овој проект, уште тогаш, дека е одобрен и потпишан, но ете колку години требаше застапување за да го видиме реализиран“, вели Виктор Илиев од иницијативата „Битола на точак“.

Според Општина Битола, градот со забрзан чекор се движи кон визијата за уреден, еколошки и одржлив град. Како што велат оттаму, градоначалникот Тони Коњановски, вчерашното утро го започна симболично – со велосипед до работа, како дел од заложбата за промоција на урбаната мобилност и активен начин на живот.

„Битола станува вело град. Со над 5 километри изградени велосипедски патеки и нови планови што следуваат, го трасираме патот за поеколошка, побезбедна, подостапна и поатрактивна урбана средина“, изјави градоначалникот Коњановски, по средбата со млади велосипедисти, пешаци и претставникот на „Битола на точак“.

Во наредниот период, истакнуваат од Општината, ќе следува доуредување на постоечките патеки – расчистување на теренот, поставување на соодветна вертикална и хоризонтална сигнализација, со што безбедноста и функционалноста ќе бидат значително унапредени. Паралелно, додаваат, ќе започне и изградба на нови велосипедски рути во делот на поранешната касарна АРМ и други локации низ градот.

Реконструкцијата на тротоарите на улиците „Васко Карангелевски“ и „Партизанска“ со нови велосипедски патеки, се реализира со средства од Буџетот на Општина Битола и претставува проектна активност на проектот „Smart4you2, поддржан од Европските фондови. Новите велопатеки се дел од пошироката стратегија на општината за подобрување на пешачките зони и воведување велосипедски патеки во клучни делови од градот.

Фото: Општина Битола