„Соулфлај“, „Систерс оф мерси“, „Инер Сркл“, „Архангел“, Кирил Џајковски и ТК Вондер и Рутсман, „Мизар“, „Фолтин“, „Буч Кесиди“, „Љубојна“, Томи Кеш, „Пич Вајс“, Дина Јашари, „Паркети“, Флудер, Битолски камерен оркестар, „Мојра“, „Допе Куќата“… се меѓу настапувачите на овогодишниот „Д Фестивал“, кој годинава ќе се организира од 4 до 6 јули во Штип.
Од „Пасворд“ веќе ја објавија саатницата за настапи, распоредени меѓу главниот и „Москито“ стејџот.
Концертите ќе се одржуваат покрај реката Брегалница, каде што се наоѓа и градскиот стадион. Во еко-парковите покрај реката под тврдината Исар се планираат идните фестивалски кампови, кои годинава ќе изостанат.
Од „Пасворд“ веќе посочија дека мултимедијалниот настан каде што се спојуваат музиката, уметноста и заедништвото, оваа година добива поголема хуманитарна мисија која фестивалот ја реализира во соработка со иницијативата „Супорт Кочани“ (Support Kocani). Тоа значи, „Д Фестивал“ ова лето ќе биде со бесплатен влез за сите посетители, но со можност за купување на т.н. хуманитарни билети. Цената на хуманитарниот билет е 1.500 денари, а сите собрани средства ќе бидат наменети за „Support Kocani“.
Инаку, за „Д Фестивал“ ова ќе биде прва година во Штип, откако до лани се одржуваше во Дојран.
„Д Фестивал“ и оваа година е вброен меѓу најдобрите 10 летни фестивали што ги препорачува Festivalac, специјализираниот портал за музички фестивали во регионов.