Министерката за образование Весна Јаневска кажа дека во државата постои недостиг на образовни асистенти, па затоа се проширува опсегот на стручни лица што ќе може да конкурираат. Во превод: поради дефицитот се менуваат правилници, за да може за образовен асистент да аплицира и лице кое стекнало звање специјален едукатор и рехабилитатор, педагог, психолог, социјален работник, социјален и рехабилитациски педагог, социолог, семејнолог, наставник по одделенска настава…
Е, сега, човек ќе си рече: „ОК, се дава шанса на повеќе луѓе да бидат образовни асисистенти, се’ во интерес на децата со попреченост, тие да бидат ‘покриени’“.
Но, ќе бидат ли атипичните „покриени“?
Прво, да земеме колку обуки поминуваат тие луѓе? Четири, пет, шест денови? Пример, доволно ли е тоа за да стекнат компетенции и вештини, па да бидат спремни за до три деца со аутизам во едно одделение, секој ден, одново и одново? Да бидат потпора на наставниците во инклузивниот процес, да знаат како да се постават, да соберат информација што му треба на детето, како да го насочат и стимулираат на часот? Плус, инклузијата не е само на часот, поддршката важи за сите, типични и атипични – за време на одмори, воншколски активности, екскурзии… Нели, за да зборуваме за еднаквo право на образование, а не за дискриминација.
Еве, ќе земеме дека и тоа се учи. Дека со време ќе мораат да научат (макар нашите деца меѓувреме ќе пораснат) и својот работен ентузијазам ќе го пренасочат во нешто што ќе помага во образовниот процес, изградено со љубов, дисциплина, толеранција и внимание.
Но, лично ме загрижува друг аспект од „покривањето“: работниот статус на образовните асистенти. Имам тежина, а богами и тажнина по ова прашање.
Зошто? Ќе ви кажам пример кој одблизу го следев изминативе години.
Образовна асистентка во скопско училиште, по тригодишен ангажман, сакаше да си замине од позицијата за да работи нешто друго. За среќа на семејството на детето со аутизам, или за нејзина несреќа, го тргнаа конкурсот за новата позиција каде аплицираше, па остана со детето и оваа 2024/2025 учебна година.
Да бидам јасен! Асистетентката го сака детето, тие се приврзани, поминаа разни фази заедно. Од смеење, плачење, учење, до растење заедно: и во човечка, едукативна, и секаква смисла! Значи таа дава, учи, дава, учи, дава, вложува во детето, но и во себе. Истовремено, таа си го бараше местото под сонцето. Си бараше друго место бидејќи е договорец на една година, на определено време. Нејзиниот влог и работна определба „виси во воздух“. И’ влева несигурност. Мачнина. Егзистенцијални прашања од типот „Зошто го правам ова, ако целосно не се валозира мојот труд. А, на рамења толку одговорност?“.
Од друга страна децата, како тие со аутизам, се привикнуваат на една личност. Без неа им е незамисливо во училиште. Толку се навикнуваат, што доколку видат друг асистент, може тоа да предизика траума и да доведе до негов регрес. Ем да каскаат во развојот, ем да не сакаат повеќе да се појават во школо. Било кога.
Оттука се поставува прашањето, зошто асистентите се држат на едногодишни договори, на определено време? Вака, многумина во оваа гледаат привремен ангажман и прво вработување – додека да најдат „вистинска работа“. Или привремена работа додека не отидат на приватно.
Аргументот од властите, овие и претходните, после два пати менувани закони, е дека „предвреме не може да се проценат колку ученици ќе имаат потреба од помош секоја учебна година“.
Против овој калкулаторски аргумент веќе се јавија самите образовни асистенти, родители, голем број училишта, експерти, од МКФ-службата (каде се вршат проценките на состојбите на децата и се доделуваат образовните асистенти), се јавија и од специјалните училишта (кои сега имаат статус на училишта со ресурсен центар). Гледаат дека треба стабилност. Треба долгорочно вработување. Треба одржливост во поддршката на асистентите.
Ако толку луѓе од различни сфери реагираат, без разлика што Бојан Шашевски мисли на темата, значи постои проблем.
Затоа пак прашувам, зошто е тешко да добијат редовен статус? Барем да постои можност. Еве, на стартот нека не важи за сите, бидејќи некои имаат поинакви афинитети и цели, можеби се’ уште „се бараат“ или немаат „изедено доволно леб“, но барем за почеток половината, од 1.000 ангажирани асистенти, 500 да бидат редовни? Ќе биде стимул за нив и останатите, да се докажат, работат, да го задржат истото дете што во подолните одделенија му нуделе поддршка.
Ако не се чувствуваат сигурни, како интегрален дел од системот, тешко на долг рок да ги задржиме како профили да ја подобруваат инклузивната клима.
Практично, асистентите се столбот на инклузијата, така ги поставивме да бидат, а сепак правиме тој столб да е разнишан и неизвесен, под постојан притисок.
Во тој контекст, да потсетам дека конкурсот за образовни асистенти, за изминатава 2024/2025 година – доцнеше. А, кога конкурсите доцнат или нема доволно кандидати, во ризик се става образованието на повеќе од 1.000 основци. Немаат сите баба и дедо да ги чуваат дома, а школите се’ уште немаат целосен капацитет да ги примаат без асистенти. Така да, деца со атипичен развој практично беа исклучени од образованието и, на тој начин, дискриминирани.
Кој презема одговорност за тоа што скоро месец дена децата немаа асистенти? Министерката Јаневска? МОН? Кој? Никој, само родителите пак береа гајле и молеа работодавачот да не ги избрка, зашто морале дома со детето. А, нервите на посебните родителите се при крај. Чекаат да видат дали МОН претстојнава школска година ќе знае кај тера – и за основците, но и за средношколците за кои ветија асистенти.
За крај, само би цитирал директорка на скопско школо, која ја сумира состојбата:
„Децата во училиштата се градат како личности, кои понатаму треба да имаат удел во ова општество. Инклузијата е важна, премногу важна за да биде пуштена да ‘плови’ без доволно пари, материјали или компетенции. Дополнително, МКФ мора да биде како што треба и да се вложува во тие служби, ресурсните центри мораат да се доразвиваат, а образовните асистенти што доаѓаат во школото да бидат поподготвени, со поинаков статус, а не на определено време. Исто така, партиите да ги тргнат рацете од асистентите, за децата се работи, нивниот психо-физички развој!“.
Бојан Шашевски
*Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторот и ненужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ