Фестивалот за критичка култура „Крик“ организира изложба, курирано водење и разговор „Парадоксот на Грејсленд: навигирајќи ја неизвесноста“ (Graceland Paradox: Navigating Uncertainty) во среда, 25 јуни со почеток од 20 часот во Музеј на современа уметност во Скопје.
Уметници се Фани Будуроглу, Рања Еманоилиду, Лиа Псома (Грција,) Билал Јилмаз (Турција), а кураторка е Лидија Хатсијакову (Грција), чија работа, велат од „Крик“, гравитира околу улогата на уметноста како алатка за општествени промени, релацијата помеѓу уметноста и технологијата, уметноста и екологијата, уметноста и современата улога на занаетите.
„Во ‘Парадоксот на Грејсленд’, уметниците се осврнуваат на испреплетените кризи на климатскиот колапс, раселувањето и технолошко-социјално отуѓување како симптоми на доцниот капитализам. Нивните хибридни фигури и пејзажи се движат помеѓу пропастот и обновата, потсетуваат и на последиците од катастрофата и на можноста за пофер и инклузивна иднина“, раскажуваат од „Крик“.
Со овој настан, се заокружува летната програма на „Крик 2025“, и е екслузивна можност за тура и експликација од страна на уметниците, која ќе биде проследена и со разговор во кој ќе учествуваат и кураторката Лидија Хацијакову, како и нашите теоретичари на визуелната уметност и куратори Владимир Јанчевски и Софија Григоријаду.
Изложбата ќе биде отворена до 17 август.