Немаше простор за забава на шестиот по ред скопски Прајд, кој се одржа денеска, 21 јуни, под мотото „Ќе (оп)стоиме заедно“. Подемот на антиродовите политики, како во Македонија, така и ширум светот, ги вратија ЛГБТИ+ луѓето, нивните пријатели и семејства, активистите и останатите граѓани-поддржувачи на коренот на Парадата на гордоста – протестен марш за правда, заедништво, солидарност и радикална грижа, без музичка програма.
Протестот традиционално започна од паркот „Жена-борец“ спроти Собранието, продолжи по Рекорд, но годинава „скршна“ кон булеварот „Св. Климент Охридски“ за да стигне до Министерството за образование и наука. Причината за ова е тргањето на термините „род“, „родов идентитет“, „сексуална ориентација“ и „родова еднаквост“ од законите за основно и средно образование, како и од Законот за учебниците.
„Не може да ги тргнете ЛГБТИ децата во ресурсни центри како што ги отстранувате децата со попреченост, па ги препуштивте на силеџиството од учениците и наставниците. Директорот на училиштето во кое учи моето трансродово дете јавно се радуваше и ликуваше на трансфобичните политики на Трамп, па ќерка ми го искритикува за изјавите. Наместо да сноси одговорност, вашите политики министерке му овозможија да покажува надмоќ“, порача една мајка.
Таа, како што рече, е загрижена за светот кој го крои МОН, кога смета дека филозофијата, етиката и логиката се непотребни. Ниту едно дете, додаде, не заслужува иднина во која критичката мисла и емпатијата се неприфатливи, а омразата и слепата послушност – идеал.
„Зарем не гледате дека водите политика на сегрегација и дискриминација? Должност ви е на ЛГБТИ децата и децата со попреченост да им овозможите образование во кое ќе се чувствуваат дека припаѓаат. Образование во кое се видливи и безбедни токму такви какви што се“, истакна мајката.
View this post on Instagram
Од МОН, протестниот марш продолжи по улицата „Теодосиј Гологанов“, па по „Рузвелтова“ и булеварот „Илинден“, сѐ до Влада, каде и заврши. Стотици граѓани побараа правда за Кочани, за Палестина и еднаквост за сите луѓе.
Тие скандираа „Ќе опстоиме“, „Народот обединет нема да е победен“, „Правда за Кочани“, „Анти-капитализам“, „Слобода“ „Смрт за фашизмот“, „Жени, живот, слобода“, „Free Palestine“.
Фото+видео: Борјан Гаговски
Текст: Ангела Петкова