ССНМ: Заканите кон новинарите во Тетово не запираат, институциите се на потег

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) смета дека серијата закани што им се случуваат на новинарите од Тетово во последниот период, а истите се главно мотивирани од написи и текстови во кои се инволвирани лица од политиката, добива сериозни размери и дека е вистинско време да се реагира. Станува збор за повеќе форми на притисок врз колеги чија безбедност е сериозно нарушена и доколку не се преземат соодветни мерки може да ескалира и да дојде и до насилство врз новинарите, велат од синдикатот.

„Пријавените закани до ССНМ од страна на колегите од Тетово делумно се отворени, а дел се прикриени и пософистицирани, но и тие се подеднакво опасни. Имено, истите тешко се докажуваат, органите на редот ретко по нив постапуваат, а носат ризик од напади, и потоа од несогледливи последици по здравјето и животите на оние што извршуваат професија од јавен карактер и имаат улога на заштитници на јавниот интерес и демократските процеси во државата“, истакнуваат од ССНМ.

ССНМ е загрижен и има основа да верува дека заканите освен од поединци се креирани и како координирана акција на центри на моќ кои во обид да ги замолчат новинарите користат закани кои лесно и брзо може да се прелеат во насилство. Затоа Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ги повикува локалните власти, подрачните единици на Министерството за внатрешни работи, но и политичките субјекти да делуваат превентивно и да помогнат во сузбивање на зачестената и алармантната појава.

„Заклучокот од работниот состанок што ССНМ го имаше во Тетово со колегите новинари и медиумски работници е дека е потребна сериозна внимателност поврзана со заканите и притисоците врз новинарите од овој регион, особено земајќи го предвид фактот дека се ближат локални избори, кои секако се настан кој ги зоврива страстите и при кои според сите податоци растат нападите и заканите кон новинарите“, информираат оттаму.