Италија забранува мобилни телефони за средношколци

Употребата на мобилни телефони во иднина ќе биде забранета за време на наставата и за средношколците, објави италијанското Министерство за образование, пренесува Ал Џазира Балканс.

Одлуката ќе стапи на сила по летниот распуст, односно на почетокот на новата учебна година. Досега, употребата на мобилни телефони беше претежно забранета за ученици до 15 години. Можни се исклучоци, како што се учениците со попреченост на кои им е потребен мобилен телефон.

Уредбата ја објави министерот за образование, Џузепе Валдитара, истакнувајќи дека целта на забраната е да им се овозможи на учениците повторно да имаат потивки и пофокусирани часови. Тој се осврна на истражувања кои покажуваат дека прекумерната или неправилната употреба на мобилни телефони може негативно да влијае на здравјето, благосостојбата и училишниот успех на учениците.

Од следната учебна година мобилните телефони ќе бидат поставени во назначените прегради пред почетокот на наставата. Построгите правила за употреба на мобилни уреди во училиштата редовно се предмет на дискусии во бројни други европски земји.

Во Македонија, скопските општини Центар и Аеродром донесoa препораки основците од прво до деветто одделение да не ги поседуваат кај себе и да не ги користат мобилните телефони за време на наставата. Тие, исто така, при одлуката се осврнаа на повеќе истражувања спроведени од Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО), од каде во јули 2023 година укажаа на негативните ефекти од употребата на паметни телефони врз процесот на учење. УНЕСКО советува за соодветна употреба на технологијата во училиштата.

Иницијативата за забрана за телефони на часовите е актуелна веќе неколку години. Во 2023 година на локално ниво предлогот го актуелизираше Шанса за Центар, откако Холандија забрани мобилни телефони, таблети и паметни часовници во училиштата, а притоа и УНЕСКО истата година имаше глобален повик.

Во македонски контекст, скорешното истражување на Институтот за комуникациски стуии (ИКС) покажа дека дури една четвртина од младите луѓе (од 18 до 29 години) се наоѓаат во критичните нивоа на зависност од социјалните медиуми: околу 5% спаѓаат во категоријата на висока зависност, а дополнителни 19% се блиску до најкритичното ниво на зависност, што значи дека тие се соочуваат со предизвикот да го намалат користењето на социјалните медиуми и се свесни дека треба да го направат тоа.

Радио МОФ веќе пишуваше дека смартфоните станаа неизоставен дел од личниот и социјален живот на младите. Ги користат за „скролање“ вести и рилови, играње видео игри, за фоткање, „бинџање“ серии, за комуникација, себепретставување… Во последниве години се случуваат и т.н. предизвици меѓу врсници, а интернетот отвора врата и за сајбер-булинг. Сите овие навики и трендови, помалку или повеќе, учeниците ги носат во школо, па е ставен на тест образовниот систем – или да се прилагодува на дигиталниот живот на младите и ги решава ситуациите во од, или да ги забранува телефоните како мерка против булинг и незаинтересираност на часовите, без притоа младите да добиваат чувство дека тоа им одзема некое право или слобода, туку им помага во едукацијата.

Засега, постојат само поединечни протоколи за телефони по некои школи и општини, додека унифициран протокол за цела држава се’ уште не е изработен, иако надлежните институции на неколку пати најавуваа такво нешто, најчесто да „изгасат“ оган кога јавноста реагираше за булинг или немили случаи во школите.