Годинешното издание на уметничкиот фестивал „КреАрт“ насловено „Македонско вино“ ќе се одржи на 21 јуни (сабота) во Младински културен центар (МКЦ) во Скопје со почеток од 17 часот. Настанот е мултимедијален и ги поврзува уметноста, културното наследство и виното.
Ќе бидат поставени 8 до 10 вински буриња обезбедени од Музејот на Галерија Кавадарци, на кои во живо ќе се создаваат уметнички дела инспирирани од темата. Ќе учествуваат уметниците Горан Боев, Томе Филов, Никола Ивановски, Илија Дојков и Сара Милевска. Исто така, ќе работат и младите Теодора Ставрова, Михаела Ризова и Марија Зафировска од средното училиште за ликовна уметност и дизајн „Лазар Личеноски“, а учество ќе земат и младите уметници Леа Драмиќанин, Зехра Тулу Јилдиз, Лука Акдениз, Дарија Дивковиќ и Јана Кралевска под координација на Маја Танева.
Посетителите ќе имаат можност да дегустираат вино од неколку семејни винарии, да присуствуваат на демонстрации за подготовка, чување и консумирање на вино водени од врвни енолози и сомилиери, како и да уживаат во вино-коктели подготвени од професионални коктел мајстори. Целата атмосфера ќе биде збогатена со традиционална македонска музика.
Во рамките на фестивалот ќе се реализираат и неколку уметнички работилници и проекти. Скулпторот Љубиша Камењаров ќе реализира жива уметничка интервенција со глина насловена „Тело на лозата“, инспирирана од симболиката и митологијата поврзана со македонското вино. Бојана Мандеска ќе води работилница за глина, во која учесниците ќе се запознаат со нејзината материјалност, симболика и нејзината моќ да поврзува и изразува. Филип Матевски ќе го претстави својот едукативен проект „Стрип, Манга и Модерен Поп Арт“, преку кој младите креативци ќе можат практично да се запознаат со овие форми на визуелна уметност.
Во 20 часот во Галерија 2 на МКЦ свечено ќе биде отворена изложбата на познатата македонска акварелистка Зага Малинковска (1926–2004). Изложбата ќе биде проследена со коктел и дегустација на вина од Винарија „Камник“.
Посетителите ќе можат да уживаат и во специјална изложба на вински етикети од различни македонски винарии, како и дизајни за промоција на македонското вино преку современ уметнички израз.
Дополнително, уметницата Гордана Винчич ќе изработи дело со наслов „Целувано грозје“, во техника акрилик на платно.
Во живо ќе свири Игор Станоевски – Igiman и неговата придружба, кои ќе ја збогатат вечерта со изведби на блуз, џез и рок музика.
Настанот ќе биде документиран преку видео и фотографии од Кирил Шентески.