АНАЛИЗА: Светските цени на храна во пад, во Македонија пораст за 4,1%

Светските цени на маслото, шеќерот, житариците во пад, пораст на цените на месото и млечните производи. Светската организација за храна ФАО објави дека во мај во однос на април вкупниот индекс на цените на храната е намален за 0,8%. Дома статистика измери дека трошоците на живот за храна во истиот анализиран период се зголемени за 4,1%. Во мај во однос на истиот месец лани, освен на храната, трошоците на живот се зголемени и за одржување на домаќинствата, за здравствена заштита, кај угостителскиот сектор, пишува Порталб.

Нов ценовен удар – зошто цените повторно „вивнаа“

Сезонското овошје и зеленчук ги преплавија пазарите, но цените повторно „вивнаа“.  Во скопските маркети и продавници кои се специјализирани за овошје и зеленчук, на крајот на мај и почетокот на овој месец, цените варираат но сепак се одржуваат на високо ниво.

Конкретно, килограм јагоди се продава и за 300 денари, праските од 170 до 200 денари, килограм лубеница најмалку 60 денари. Нешто пониски се цените на краставицата, килограм од 35 до 50 денари но доматот и пиперките  и натаму “држат“ цена и од 100 денари . Изминатиот период одредени производи значајно поскапеа, како на пример 100 грама кафе кое се продаваше за 74 денари, сега, под истиот бренд со иста грамажа, чини 99 денари што е зголемување за повеќе од 25%.

Домашната статистика измери дека во мај во споредба со април вкупната инфлација изнесува 1,5%  а трошоците на живот само за  храната се зголемени за 4,1%. Трошоците  за храната се зголемени и во однос на мај, лани,  за 4,9% додека во првите пет месеци од годинава  во однос на истиот период во 2024 та порастот изнесува 4,1%

                              Трошоци на живот за храна и безалкохолни пијалаци

Мај 25/април 25                        +4,1%

Мај 25/ мај 24                             +4,9%

Јан-мај 25/ јан-мај 24               +4,1%

Извор: ДЗС

Во од јануари до крајот на мај во споредба со истиот период лани, трошоците на живот се зголемени речиси за се: за одржување на домаќинство и мебел  за 3,7%, за здравствена заштита за 4,1%, за ресторани и хотели 7,8%.

Светските цени на храната во пад…

Во мај во однос на април, според статистиката на Светската организација за храна, индексот на цените на храната е намален за  0,8%. Конкретно индексот на цените на житарките е намален за  1,8%, на растителното масло за 3,7% а на шеќерот за 2,6%.

„Глобалните цени на пченката нагло се намалија во текот на месецот, под притисок од силната конкуренција и зголемената сезонска достапност. Глобалните цени на растителното масло се намалија поради конкуренцијата, зголеменото сезонско производство и постоечките залихи“ – наведуваат од ФАО. Од друга страна во мај во споредба со април индексот на цените на млечните производи е зголемен за 0,8% а на месото за 1,3%.

Домашната растечка инфлација е под „будно око“ на НБМ.  Во оценката на Извршниот одбор за монетарна политика на НБМ,  прва во мандатот на новиот гувернер Трајко Славески, се нотира дека мајската инфлација е повисока од очекувањата и затоа е потребна претпазливост. НБМ на чело со новиот гувернер ја задржа  сегашната монетарна политика, без интервенција во инструментите за олабавување.

„Инфлациските остварувања и понатаму претставуваат важен сегмент што треба внимателно да се следи. Имено, во мај 2025 година годишната стапка на инфлација забрза и изнесува 3,3%. Ова во најголем дел се должи на растот на цените на прехранбената компонента, што следува по завршувањето на важноста на мерките за ограничување на растот на цените“ – наведуваат од НБМ и додаваат :

„Досегашните остварувања кај инфлацијата се малку над очекувањата, што покажува одредени продолжени ефекти и потреба од претпазливост. Оттука,  ризиците за идната динамика на инфлацијата и натаму постојат и се поврзани со продолжената неизвесност од променливото надворешно окружување, но и со домашни фактори коишто делуваат на побарувачката“.

Од Владата најавија дека се следи состојбата со ценовниот пораст и според информации на Порталб не е исклучено повторно да се посегне по одредени мерки поврзани со маржите и крајните цени.