Во Музејот на Македонија (Галерија за етнологија) во сабота, 7 јуни, од 13:30 часот ќе биде отворена изложба „Сублимации“ на Горан Стојчетовиќ. Таа ќе трае до 24 јуни.
„Што да се напише како вовед за самостојната изложба на слики на уметникот Горан Стојчетовиќ, а да се остане достоинствен и предан кон неговата работа? Единствено можеби искреноста може да нѐ остави на местото каде што сме, на маргините или на работ на бездната помеѓу уметничкото и општественото, човечното. Одењето по тенките линии нѐ донесе до Горан. Потрагата по нови експериментални, интуитивни „вознемирувачки“ форми на израз нѐ втурна во длабинскиот цртеж, кој нѐ дефинира и инспирира. Истовремено, ни дава дозвола да постоиме, да твориме, да експериментираме останувајќи верни на својот јужен, атипично апатичен и трпеливо темпераментен мелос. Стојчетовиќ е дервишот кој со своите бои танцува по платното, честопати ритмично, многупати бучно, никогаш предвидливо. Интензитетот на длабочината која ни ја открива, ни ја распорува дијафрагмата за да се расплачеме како дете, да земеме здив длабоко под водата. Неговиот пристап на работа и комуникација со средината во која живее остава простор за соработка, простор за израз, со можност за реализација на нагоните и животинското во нас. Да нѐ заборавиме семантички човекот е животно. Животно кое во моментов е најголемиот свој непријател. Ние во Горан видовме човек. Човек кој се обидува да ги воочи своите нагони, како би останал пријател на човечноста како постулат на доброто и убавото. Затоа без многу импровизација ќе ве поканиме лично да го доживеете Горан Стојчетовиќ како би го оживеале човечното во себе.
Новиот свет, ако го има – нема да падне од небо, туку ќе биде резултат на долго експериментирање. [Conversation with Silvia Federici – ISSA- Island School of Social Autonomy]“, пишува во уводникот на Билјана Димитрова од „Партизанска штампа“, иницијаторите на изложбата.
Самиот Горан Стојчетовиќ потенцира дека сликите од серијата „Сублимации“ настануваат како одраз на неговата длабока потреба за монументален експресивен израз на потиснатите чувства на вознемиреност и агресивност под многубројните влијанија и јасната слика на дехуманизација на локалната и светската реалност.
„Така се појави и големиот формат како сила на реакцијата, а не како израз на некоја моја уметничка самоувереност или чувство на моќ. Исто така, овие слики бараат и мое телесно ангажирање и физичка кондиција. Тоа значи дека сум комплетно психофизички уклучен во работата, па затоа мојот свесен увид во резултатите е намален. Со тоа, не сум почувствувал потреба да смислам оригинален назив за целата серија и самата изложба, па затоа се решив за научен поим кој воопштено го опишува она што кај мене е истовремено и резултат и извор, манифестација на активните метаморфози на моите агресивни облици на различни нагони. Серијата ја започнав во 2022-та година. Сликам со акрил и дисперзирани бои на платна, мушама, хартија, картон и ѕид. Најчесто добивам зооморфни битија во разлини односи и симболика“, потенцира Стојчевиќ.
Инаку, Горан Стојчетовиќ (1975) е уметник и сценограф кој, и покрај академското образование, својот уметнички израз го пронашол во арт брутот. Во 2024 година го дефинира својот концепт како длабинска уметност, и го основа неформалниот Центар за длабинска уметност. Тој е основач и претседател на здружението Art Brut Serbia (2014–2024) и автор на техниката длабински цртеж, која ја применува редовно со пациенти од ВМА во Белград, но и поширока публика во Србија, регионот и Европа. Неговите дела се изложувани во Париз, Загреб, Нови Сад, Тарту, Белград, и се дел од значајни музеи и приватни колекции. Добитник е на неколку награди, меѓу кои и „Јоаким Вујиќ“ за сценографија. Вработен е како сценограф во Народното позориште Приштина, со седиште во Грачаница.
Изложбата и работилницата се поддржани од Делегацијата на ЕУ.