Изработен документ со насоки за заштита на демократијата од информациски закани

Информациските закани и манипулациите со информации се проблем кој влијае врз целото општество и треба да се реши со сеопфатен пристап на целото оштество, а тоа значи – политичка волја, усогласеност во делувањето, координација и акција како и здружување ресурси и зголемување инвестиции во решавањето на проблемот, пишува новинската агенција Мета.мк.

Ова се само дел од заклучоците и препораките кои се дел од „Документ за позиција: Патоказ за заштита на демократијата од информациски закани“, кои беа истакнати денеска на брифинг за новинарите во Фондацијата Метаморфозис, која, пак, заедно со Мрежата против дезинформации за Балканот (АДН-Балканс), низ процес на широки консултации преку соработка со меѓународните и регионални партнери, решението го наоѓа во сопфатниот пристап на целото општество. За таа цел, изработен е патоказ за заштита на демократијата од информациски закани.

„Системската злоупотреба на информацискиот простор преку дезинформациски кампањи ја зголемува ерозијата на јавната доверба што ја доведува до криза на демократскиот систем. Западниот Балкан, како еден од најранливите региони во Европа, се соочува со сериозни предизвици во зачувувањето на интегритетот на демократските институции и процеси, поради отсуството на регулатива усогласена со европските стандарди и недостаток на координирана акција на демократските актери, за зачувување на демократските институции“, пишува во резимето на документот.

Директорот за партнерство и развој во Фондацијата Метаморфозис, Филип Стојановски, заедно со Светлана Силјановска, специјалистката за стратешки комуникации, кои се уредници на документот, денеска го презентираа пред новинарите.

„Напуштен е концептот на гледање на дезинформациите низ призма на медиуми, тие се третираат како демократски закани, а нивната цел е нарушување на демократскиот поредок. Идејата за политичка или партиска етикета на дезинформациите е надрасната. Изработивме патоказ со неколку елементи кои ни служат како насоки. Ако постои регионална Стратегија за дезинформации, треба да има и Стратегија за справување со дезинформации. Во документот имаме три приоритети – зачувување на интегритетот на изборите, зачувување на демократијата и правото на граѓаните за носење информирани одлуки, како и демонетизација на дезинформации и зајакнување на информациски интегритет“, рече Силјановска.

Стојановски, пак, истакна дека до надлежните, уште пред неколку години, бил поднесен предлог од граѓанските организации со кој намерата била да се започне процес на градење Национална стратегија за градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформациите. Тој посочи дека државите кандидатки за членство во Европската Унија се обврзани да развијат такви механизми. Иако иницијативата беше прифатена и од претходната и од тековната влада, до денеска, нема информација дека надлежните започнале процес на градење таква Стратегија.

„Идејата беше тоа да биде документ за политики и план со конкретни чекори, со цел да ѝ се помогне државата и практично, а и за да напредува во процесот на евроинтеграции“, рече Стојановски.  Оваа иницијатива беше позитивно оценета во Извештајот на Европската Комисија за 2024 година како единствен таков чекор на ниво на Западен Балкан.

Во дискусија на темата, Зоран Бојаровски, главниот уредник на Рацин.мк, истакна дека информациските закани никогаш нема да престанат.

„Тие само ќе се усовршуваат во начините, методите, алатките за да ја постигнуваат нивната цел. Но и борбата против информациските закани не треба никогаш да престане. И токму овој документ го позиционира тоа, дека само холистички и сеопфатен пристап може да даде резултат и само тогаш може да бидеме оптимисти дека таа борба никогаш нема да престане“, рече Бојаровски на брифингот.

Во документот, на крајот се наведени препораки за меѓународни организации и чадор тела, препораки за државните институциите од Западен Балкан, за практичари кои се справуваат со информациски закани и манипулации, потоа, препораки за медиумите и медиумските организации, препорки за мрежи на практичари, како и препораки за академската заедница.

„Долгорочната отпорност на Западен Балкан може да се изгради само преку единствена регионална стратегија, буџети сразмерни на оние на антидемократските актери, политичка волја и координирана акција. Наспроти фрагментираното делување, ваквиот пристап обезбедува колективен одговор на системска закана кој ќе даде посилен ефект, и ќе почне да ја зајакнува довербата во демократските институции од граѓаните штитејќи го нивното право на носење на информирана одлука како темел на демократскиот процес“, пишува во документот.

Мета.мк