Групната изложба „Цртеж, експериментален цртеж“ на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) се отвора вечерва, 22 мај, со почеток во 20 часот во Националната галерија, објект Мала станица.
„Современиот третман на цртежот во глобални рамки доживеа длабока промена – од подготвителен, дел на процес медиум во самостојна, концептуална уметничка практика. Цртежот како базичен израз во визуелниот говор доживува длабоко преиспитување на авторството, идентитетот и коментарот како во глобални, така и во делата на современите автори од Македонија – цртежот станува јазик за мапирање на телото, психата и длабоките емоци со општествени коментари: цртежот ги спојува личните наративи со социополитичка критика и рефлексија“, истакнуваат од ДЛУМ.
Како што додаваат оттаму, уметниците го ослободуваат цртањето од традиционалните ограничувања, прифаќајќи го не само како алатка за претставување туку и како нов простор за истражување и интервенција.
„Со ваквото ре-формулирање на линијата, цртежот, долго време сметан за најнепосреден и најинтимен ликовен медиум, се трансформира со отстапување од традиционалната концепција како подготвителна или илустративна практика, кон онаа што е е автономна, концептуална и материјално експанзивна. Овој отворен начин на размислување го означува појавувањето на експерименталниот цртеж како динамична и често интердисциплинарна практика која континуирано се развива“, појаснуваат од ДЛУМ.
На оваа традиционална изложба ќе бидат претставени дела како во традиционална смисла, така цртежи кои претставуваат концепт и длабока рефлексија и отстапуваат од воспоставените норми.
„Оваа година во претставените дела, цртањето ги отвара новите простори со преиспитување на површината и трајноста на хартијата како фундамент на овој ликовен медиум. Уметниците презентираат цртање со нетрадиционални материјали – чад, конец, метална жица, силиконски лепак…. Во други дела уметниците истражуваат гест и процес, третирајќи го чинот на цртање како перформативен и на тој начин вклучен во секојдневната реалност, но не разбрана како илустрација, туку како размислување преку процесот“, раскажуваат од друштвото.
Изложбата ќе биде отворена до 30 мај.