„Порталб“: Пазар на трудот за мажите, предрасуди и недоволна застапеност на жените

Жените и понатаму се недоволно застапени на пазарот на трудот во Северна Македонија и се помалку платени од мажите. Ова го потврдуваат и податоците од Државниот завод за статистика. Претприемачката Ќаније Селими нагласува дека жените сè уште се соочуваат со дискриминација, стереотипи и недостаток на поддршка. Од организацијата „Реактор“ ја нагласуваат потребата од реформи во образованието, зголемување на услугите за згрижување на децата и спроведување политики за родова еднаквост за да се олесни вклучувањето на жените на пазарот на трудот, пишува Порталб.мк.

Иако низ годините имало промени во учеството на мажите и жените на пазарот на трудот, жените отсекогаш биле недоволно застапени. Порталб.мк направи еден преглед на овие податоци за последните неколку години.

Најниска застапеност на жените на пазарот на трудот е забележана во 2017 година, а највисока во 2020 година. За недоволната застапеност на жените и девојките на пазарот на трудот зборува и стапката на активност на населението според возрасните групи, при што разликата помеѓу мажите и жените е многу мала.

Но, и кога се застапени, жените често се платени помалку од мажите, како за работа со полно работно време, така и за работа со скратено работно време.

Предрасуди и предизвици на еден пазар традиционално доминиран од мажите 

Претприемачката Ќаније Селими за Порталб.мк нагласи дека главната причина за недостатокот на жени на пазарот на трудот остануваат родовите стереотипи, недоволната застапеност на високите позиции и предизвиците за балансирање на семејните обврски.

„Балансирањето помеѓу професионалните и личните обврски отсекогаш претставувало голем предизвик. Покрај тоа, дискриминацијата во платите и недостатокот на структурна поддршка за жените претприемачи остануваат константни препреки“, рече Селими.

Таа нагласи дека жените на лидерски позиции честопати се соочуваат со повисоки очекувања и мора да ги докажуваат своите способности почесто од мажите, а нивните одлуки честопати молкум се доведуваат во прашање.

Селими апелираше до жените да веруваат во своите способности, да бараат можности за професионален развој и да не дозволуваат предрасудите да ја одредат нивната иднина.

„Исто така, поврзете се со ментори и позитивни примери на жени и и покрај предизвиците не се двоумете да прифатите важни улоги“, порача таа.

Да се зајакнат политиките за родова еднаквост при вработување

За унапредување на родовата еднаквост на пазарот на трудот во Северна Македонија потребно е да се обезбедат специјализирани програми за поддршка и активирање на економски неактивните жени, придружени со мерки што го олеснуваат нивното вклучување на пазарот на трудот. Ова го изјавија од организацијата „Реактор“ за Порталб.мк.

„Еден од приоритетите е реформата на образованието и заложбите за искоренување на длабоко вкоренетите родови стереотипи што ги ограничуваат професионалните избори на жените. Исто така треба да се направат значителни инвестиции во достапни и квалитетни услуги за згрижување на децата и лицата кои имаат потрба од грижа, што би им овозможило на жените полесно да ги усогласат семејните и професионалните обврски. Паралелно со ова потребно е да се усвојат европски регулативи за балансирање на професионалниот и приватниот живот, што значи усогласување на трудовото законодавство“, велат од „Реактор“.

Тие додадоа и дека потребно е и зајакнување на политиките за родова еднаквост при вработувањето, вклучително и ефикасно спроведување на принципот на еднаква плата и мерки против дискриминација, како и промоција на соодветни форми на работа.

Инаку, едно истражување спроведено од невладината организација Хера и Британската амбасада во Скопје, покажаа дека помалку од 25% од компаниите во земјата се управувани од жени. Од сите вработени, само 38,3% проценти се жени. Само 19% од работодавачите во земјата се жени. Младите вработени мажи се 23%, а бројот на млади вработени жени е околу 12,4%. Само 41% од жените ги исполнуваат условите за да обезбедат државна пензија. Родовиот јаз на пазарот на трудот е постојано споменуван и во Извештајот на ЕУ за напредокот на Република Македонија.

Пишува: Албина Рамадани