Децата во Македонија се изложени на значително повисок ризик од сиромаштија од возрасните, при што 32% живеат под националниот праг на сиромаштија, а 40% се соочуваат со мултидимензионална сиромаштија, стои во најново достапните податоци, кои денеска беа споделени на настан посветен на справување со детската сиромаштија и социјалната исклученост.
Во документот именуван „Анализа на состојбите со децата и адолесцентите во Северна Македонија“ на УНИЦЕФ, во делот „Сиромаштија и соодветен животен стандард“, меѓудругото, наведено е дека 35% од домаќинствата со деца не можат да си дозволат оброк базиран на протеини секој втор ден. И тоа – пет пати повеќе од просекот на ЕУ од 7,2% во 2021 година и повисоко од повеќето земји во регионот.
„Ромското население се соочува со највисоко ниво на сиромаштија во споредба со општото население, односно, 91% од ромското население е соочено со материјална депривација во 2018/2019 година, а 79% од ромските деца живеат во домаќинства изложени на ризик од сиромаштија во 2021 година. Дополнително, над половина од ромските домаќинства страдаат од недостаток на живеалиште, а 90% живеат во пренаселени живеалишта, значително надминувајќи ги националните просеци“, пишува во документот.
Според извештајот на УНИЦЕФ, тековната покриеност и адекватноста на паричната помош и понатаму се недоволни. Во 2019 година, со програмите за социјална помош биле опфатени над една третина од домаќинствата во најсиромашниот квинтил, стапка што е многу повисока од повеќето земји на Западен Балкан, но, сепак многу пониска од просекот за Европа и Централна Азија.
Ова, укажува дека сѐ уште има простор за подобрување на опфатот на најсиромашните.
„Севкупно, само 50,5 % од населението е опфатено со социјална заштита во споредба со просекот на ЕУ од 92,6%, и само 22,6 % од домаќинствата со деца на возраст од 0-15 години добиваат детски додаток или парична помош, што е многу пониско од 88,4% на ниво на ЕУ. Овие празнини ја нагласуваат потребата од проширување на опфатот и подигнување на свеста за ефективна поддршка на ранливото население“, пишува во документот.
Извештајот нотира дека во системот на социјална заштита во Македонија преостануваат клучните предизвици и тесни грла, што се манифестира преку континуираното високо ниво на сиромаштија.
Тоа меѓудругото се однесува на недоволно финансирање на социјалната помош, но и несоодветност и низок опфат на правата од социјална заштита.
„И покрај неодамнешните реформи и воведувањето на Гарантирана минимална помош, што резултираше со 42.417 деца корисници на додатоци во 2022 година, над 120.000 деца сè уште живеат во сиромаштија, што ја нагласува потребата од понатамошно подобрување на социјалната заштита“, пишува во документот.
Понатаму, предизвик остануваат и недоволните институционални податоци за детската сиромаштија, ограничените капацитети, а најобесправените домаќинства имаат пречки да пристапат до основните социјални услуги.
„Семејствата со ниски приходи се соочуваат со значителни финансиски притисоци, со дополнителни оптоварувања поради трошоците поврзани со образованието и здравството (42% од трошоците за здравствени услуги се трошоци за партиципација на национално ниво), како и поради енергетска сиромаштија, при тоа приближно 13% од приходите на домаќинствата во 2020 година се потрошени за енергија“, забележано е во извештајот.

Фото: УНИЦЕФ од документот „Анализа на состојбите со децата и адолесцентите во Северна Македонија“
Потребен е нов пакет услуги за најранливите деца
Ваквите податоци денеска беа подлога на настанот во „Холидеј ин“, каде Министерството за социјална политика, демографија и млади, со поддршка од УНИЦЕФ, ги претстави резултатите од анализата и препораките за политики за сеопфатен пакет на услуги кои треба да се разгледаат во рамки на Европската гаранција за децата во Македонија.
Предложениот пакет има за цел да обезбеди секое дете – особено најранливите – да има загарантиран пристап до здравствена заштита, образование, социјална заштита и грижа преку координирана, мултисекторска поддршка.
„И покрај достапноста на основни услуги како здравствената и социјална заштита и образование, децата што се соочуваат со сиромаштија и исклученост наидуваат на поголеми пречки поради тоа што системите не се прилагодени на нивните потреби. За да ги надминеме спомнатите предизвици, Владата со поддршка од ЕУ и УНИЦЕФ изработи Национален акциски план за правата на децата 2025-2029, кој е во завршна фаза на усвојување. Еден од приоритетите на Планот е намалувањето на детската сиромаштија, вклучително и со воведување на Европската детска гаранција, како и зголемување од 15% на паричните додатоци наменети за децата“, изјави Фатмир Лимани, министер за социјална политика, демографија и млади.

Фото: УНИЦЕФ
Тој информираше дека Министерството за социјална политика, демографија и млади ќе ја предводи координацијата со другите владини институции за развивање на план за имплементација на Гаранцијата за деца.
Препораките за политиките се насочени кон најризичните категории деца, вклучувајќи ги децата Роми, децата со попреченост, децата без родителска грижа, децата во судир со законот и други. Пакетот вклучува повеќе услуги, како проширена парична помош, зголемен пристап до предучилишно образование, инклузивно образование, универзален пристап до здравствена заштита, бесплатни оброци во училиштата и други услуги.
„Децата кои растат во сиромаштија имаат поголема веројатност да останат сиромашни и како возрасни, продолжувајќи го циклусот на нееднаквост“, рече Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ
„Гаранцијата за децата се покажува дека е докажан механизам за борба против овие алармантни трендови и обезбедува да не биде запоставено ниту едно дете“, дополни таа.

Фото: УНИЦЕФ
Како што нагласија од УНИЦЕФ, препораките се насочени за да се решат причините за детската сиромаштија, како што се финансиски тешкотии на домаќинствата, ограничен пристап до квалитетни услуги и системски бариери како стигматизација, слаба координација меѓу институциите и географски нееднаквости.
„Националниот акциски план за Гаранцијата за децата, предвидува зајакнување на испораката на услуги и мобилизирање средства преку националниот и општинските буџети за негова реализација. При што веќе се планираат до 3 милиони евра за воведување услуги фокусирани на децата. Модифицираните модели на услуги ќе бидат пилотирани во избрани општини за да се обезбедат податоци за нивно пошироко национално имплементирање“, соопштуваат од УНИЦЕФ.
Бојан Шашевски
*Табелите се од документот „Анализа на состојбите со децата и адолесцентите во Северна Македонија“