Мерките и политиките на централната и локалната власт не обезбедуваат ефикасно планирање на зелената инфраструктура во градовите. Од 34 општини со седиште во град, генералните урбанистички планови на 22 општини не го исполнуваат препорачаниот стандард за озеленетост од 25 м2 по глава на жител, се вели во последниот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за успешност на тема „Урбанистичко планирање на зелената инфраструктура во градовите“.
Според ДЗР, постои масовната урбанизација на просторот, долги постапки за донесување на урбанистички планови, недонесени годишни програми за подигање и одржување на зеленилото, финансирање на урбанистички планови од приватни лица, неизрекување на глоби спрема прекршителите… Сето ова придонесува да не се исполни препорачаниот стандард на озеленетост во градовите.
„Поделбата на дејноста просторно и урбанистичко планирање и некоординираноста на надлежните институции резултира со недостаток на правна рамка што ќе го уреди просторното планирање и зелената инфраструктура, а со законските решенија за утврдување на правен статус на бесправно изградените објекти се нарушува системот на урбанистичко планирање. Во услови кога донесувањето на нов просторен план како највисок стратешки документ на државата доцни повеќе од четири години, имајќи ги предвид настанатите суштински промени во општествениот, економскиот, демографскиот и просторниот развој. Постојниот Просторен план не претставува добра основа за дефинирање на стратешките и планските документи во државата од пониско ниво, кои во периодот од 2021 до 2024 година се донесуваат врз основа на неажурирани податоци и информации и не соодветствуваат на состојбите во државата“, стои во извештајот на ДЗР.
Ревизорите утврдиле и дека во општините паралелно се водат и одржуваат два информациски системи кои не ги споделуваат во целост податоците во Национална инфраструктура на просторни податоци.
„Од 34 општини со седиште во град само две општини (Град Скопје и Општина Охрид) имаат донесено стратегии за развој на зеленилото. Зелен катастар во форма на ГИС1 портал имаат три општини (Град Скопје, Кавадарци и Охрид), а 18 општини не ја испочитувале обврската за донесување на годишни програми за подигање и одржување на зеленилото. Ова укажува на немање долгорочна визија, цели, активности и индикатори за следење на урбаното зеленило на локално ниво“, забележува ДЗР.
Од таму нагласуваат дека постапката за донесување на урбанистички планови се врши преку електронски систем е-урбанизам, но поради комплексноста, обезбедувањето на мислења од 22-30 институции/установи и правни лица, должината на законски утврдените рокови и нивното недоследно почитување, од вкупно 34 општини со седиште во град, 8 општини (23%) имаат важечки ГУП, 24 општини (71%) имаат ГУП со изминат плански период, а две општини (6%) воопшто немаат донесено генерален урбанистички план.

Извор ДЗР
„Генералните урбанистички планови на 14 општини се донесени по изминување на 3 до 5 години од планскиот период за кој се однесуваат, со што градовите не се во можност да ги разработат со детални планови за времетраење на периодот. Од 2020-2024 година, 77% од постапките за донесување на ДУП во системот е-урбанизам не се завршени поради непочитување на законски утврдениот рок за траење на постапката до 18 месеци која за одредени општини трае и до 4 години“, се вели во извештајот.
ГУП-овите на 22 општини не го исполнуваат препорачаниот стандард за озеленетост од 25 м2 по глава на жител. Дополнително, зелените површини кои се одржуваат и ново подигнатите зелени површини во корелација со бројот на жители согласно пописот од 2021 година, според ДЗР укажува дека ниту една општина не го исполнува стандардот утврден во одредбите на член 19 од Законот за урбано зеленило.

Извор ДЗР
„Снимките од извршеното снимање со дрон на повеќе локации и во повеќе градови покажуваат дека централните градски подрачја на градовите не содржат доволно јавни зелени површини кои треба да придонесат за намалување на загадувањето и чиста животна средина“, потенцираат од ДЗР.
Карактеристично за Тетово е што нема градски парк. Изборот на урбанистички планови и проекти на општините кои ќе се финансираат од годишните програми за финансирање на урбанистички планови, донесени од Владата на Македонија во периодот 2020-2024 година е извршен на нетранспарентен начин, без јавен повик, комисија и критериуми за избор, а средствата кои се предвидени не се доволни за финансирање на сите проекти.
„Од друга страна, недоволната информираност, заинтересираност и начинот на размислување на граѓаните за учество во постапките за донесување на урбанистички планови, како и финансирањето на плановите од страна на заинтересираните правни/физички лица со 48% во годишните програми на општините доведува до состојба на преовладување на приватниот над јавниот интерес“, потенцираат ревизорите.
Општините не обезбедуваат доволно средства за одржување на јавни зелени површини со оглед дека 80% од нив немаат донесено одлуки за наплата на надоместокот за одржување на зелени површини, 20-30% ги наплатуваат комуналните такси за користење на јавни зелени површини и поставување на рекламни паноа на зелени површини, додека 59% од општините не издвоиле средства за подигнување на нови зелени површини во периодот од 2020-2024 година.
„Централната и локалната власт нема обезбедено ефикасен мониторинг и контрола, односно неизрекувањето на глоби спрема прекршителите, како и намалените износи на глобите за прекршоци, придонесува зеленилото да се уништува, да не се одржува и да не се заменува со ново зеленило“, посочува ДЗР.
Дополнително, велат од таму, Министерството за животна средина и просторно планирање не врши надзор над општините во делот на спроведувањето на законските одредби за урбано зеленило и не е обезбедено континуирано следење на состојбите и промените во просторот, од причина што годишните извештаи за степенот на спроведување на просторниот план на државата се изработени со нецелосни податоци за фактичката состојба, а во периодот од 2021 – 2024 година, воопшто не се изработуваат.
„За надминување на утврдените состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица за создавање услови со кои ќе се подобри урбанистичко планирање на зелената инфраструктура во градовите“, пишува во извештајот на ДЗР.
Бојан Шашевски