Сараевското народно позориште (СНП) ќе биде гостин на Македонскиот народен театар (МНТ) на 21 и 22 мај со претставите „Сараевскиот трговец“ и „Селска опера“.
„Сараевскиот трговец“ ќе се одигра на 21 мај со почеток во 20 часот. Текстот е на Игор Штикс, а режија е Михал Дочекал. Во претставата играат 16 актери: Мона Муратовиќ, Мирвад Куриќ, Сањин Арнаутовиќ, Ведран Ѓекиќ, Амина Беговиќ, Фарук Хајдаревиќ, Нерман Махмутовиќ, Дино Бајровиќ, Ирфан Рибиќ, Сара Сексан, Белма Салкуниќ-Бектешевиќ, Милан Павловиќ, Ален Коњиција, Харис Биџан, Риад Љутовиќ и Амра Капиџиќ.
Авторот на претставата, Штикс, ги поставува прашањата: „Книга или живот?“, „Театар или живот?“. Тој истакнува дека „Сараевскиот трговец“ поминал долг и необичен пат од идеја до реализација.
„Поминаа повеќе од 17 години од попладневниот разговор со пријателите Шејла Камериќ, Јован Марјановиќ, Огњен Диздаревиќ и Емина Кујунџиќ за филмска адаптација на познатото спасување на сараевскиот Хагада од Земаљскиот музеј во јуни 1992 година. Фактот што добив покана да напишам драма за стогодишнината од основањето на Националниот театар дополнително ја разгоре мојата имагинација. Така се роди ликот на Фридрих фон Дитрих – човек од Прага кој, непосредно пред Првата светска војна, доаѓа во Босна за да изгради Народно позориште во Сараево. Како Херцеговскиот Fitzcarraldo, кој сонува за опера среде Амазонија! А можеби токму тој, откако Лијешевиќ беше спречен да го режира овој текст, повика друг човек од Прага – овојпат од крв и месо – режисерот на оваа претстава, Михал Дочекал. Претставата е посветена на Јозеф Коен и на сите чувари и спасители на Хагадата“, вели Штикс.

Фото: Велија Хасанбеговиќ
Во авторскиот тим се потпишуваат: Џорџо Урсини Уршиќ – драматург, Давид Марек – сценограф, Лејла Хоџиќ – костимограф, Мирза Реџепагиќ – композитор, Дино Хујиќ – видео дизајнер, Моамер Шаковиќ – дизајнер на светло, Бранко Векиќ – дизајнер на плакат, Велија Хасанбеговиќ – фотограф, Омар Шело – асистент сценограф, Ајла Бешиќ – асистент режисер, Мустафа Зрниќ – инспициент и Есмералда Абдијевиќ – суфлер.

Фото: Велија Хасанбеговиќ
Додека, на 22 мај во 20 часот ќе се изведе и претставата „Селска опера“, од авторот Д. Бенедек-П. Бела, во режија на Андраш Урбан, а драматург е Ведрана Божиновиќ. Во претставата покрај актерите: Сањин Арнаутовиќ, Амра Капиџиќ, Алдин Омеровиќ, Санела Крсмановиќ-Бистривода, Сара Сексан, Ведрана Божиновиќ, Мирвад Куриќ, Санин Милавиќ и Мак Ченгиќ, е и музичкиот состав: Фауд Шетиќ – чембало, корепетитор и диригент, Амар Беширевиќ – виолина I, Ајнија Гермиќ – виолина II, Сара Касап – виолина III и Растко Зечевиќ – контрабас.
„’Селска опера’, како музичко-сценско дело, е заснована врз унгарскиот мелос, со својствено самоуништувачко страдање над светот, кое во оваа претстава се трансформира во универзален фолклорен израз и етничко лудило. Урбан вели дека ‘сите стануваме Унгарци – се радуваме со плачење, тагуваме со смеење’.
Бела Пинтер е еден од ретките независни творци кои успеале да преживеат и во новите услови, кога унгарската независна сцена е речиси збришана. Неговиот театар продолжува да функционира благодарение на поддршката од публиката, а билетите за неговите претстави се распродаваат со неверојатна брзина. Критичен е и поетичен“, се вели во соопштението.

Фото: Велија Хасанбеговиќ
Во авторскиот тим се потпишуваат: Кристијан Гергеје – кореограф, Адиса Ватреш-Селимовиќ – сценограф и костимограф, Лејла Јусиќ – музичка соработничка за подготовка на актерите, Моамер Шаковиќ – дизајнер на светло, Вранко Векиќ дизајнер на плакат и Велија Хасанбеговиќ – фотограф.

Фото: Велија Хасанбеговиќ
Билетите се достапни на билетарницата во МНТ и онлајн. Партер – 700 денари (онлајн и на билетарница), прва галерија – 500 денари (само на билетарница) и втора галерија – 500 денари (само на билетарница).