МОН распиша конкурс за есеј за основци и средношколци по повод 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик

По повод јубилејот 80 години од усвојувањето на македонскиот јазик како службен јазик – 5 мај, Министерството за образование и наука (МОН) распиша Конкурс за есеј за учениците од основните и средните училишта. Во зависност од возраста и наставниот јазик, дадени се четири теми, а право на учество имаат сите ученици од четврто до деветто одделение од основните училишта и од прва до четврта година од средните училишта.

„Еден ученик може да конкурира само со еден есеј, кој треба да биде оригинален, со силен израз и мисла која ја отсликува темата на конкурсот. За учениците од четврто до шесто одделение, есејот треба да има до 200 зборови,  додека за учениците од седмо одделение основно образование до четврта година средно образование треба да има од 200 до 300 зборови“, информираат од МОН.

Најдобрите есеи ќе ги одбира посебна Комисија, додаваат од МОН, а учениците кои ќе освојат прво место на овој натпревар во секоја од четирите категории ќе добијат пригодна награда. Наградените трудови со шифрите ќе бидат објавени на веб страницата на Министерството за образование и наука на 26 мај.

Повеќе информации за конкурсот и начинот на пријавување може да најдете на следниов линк.