Премиера на претставата „Вистината“ во режија на Владимир Јурц во Театар Комедија

Премиерите на претставата „Вистината“ во режија на словенечкиот режисер и актер Владимир Јурц ќе се одржат на 8 и 9 мај во Театар Комедија. Закажани се и претпремиери на 6 и 7 мај.

„’Вистината’ од Флоријан Зелер – комедија што поттикнува прашања кој кого лаже. Две актерски екипи, една приказна, и најмалку две вистини“, велат од Театар Комедија.

Играат Благица Трпковска Јоковиќ, Кристина Христова Николова, Роберт Ристов и Александар Вељановски; и Тања Мицков, Ева Скендеровска, Столе Мицов и Виктор Арсов. Костимографка е Маја Благович, а композитор Васко Атанасовски. Преводот е на Офелија Ковилоска.

„Дали добронамерната, бела лага може да ни ги спаси пријателството и бракот? Конечно, дали воопшто можеме да разговараме за некаква апсолутна вистина кога станува збор за љубов? Одговорите на овие скокотливи прашања, испреплетени низ современиот, иронично-комичен, но и сурово реалистичен ракопис на наградуваниот францускиот драмски писател, Флоријан Зелер, пристигнаа и кај нас“, истакнуваат од театарот.

Флоријан Зелер е француски романсиер, драмски писател, сценарист, театарски и филмски режисер. Има напишано повеќе од десетина драми, поставени низ целиот свет, кои го прават еден од најпознатите современи драматурзи. Заснован на неговата истоимена драма, својот прв долгометражен игран филм, „Таткото“, Зелер го пишува и режира во 2020-тата година и во него играат Ентони Хопкинс и Оливија Колман. Во 2023-тата, Зелер е одликуван со орденот на француската Легија на Честа.