„Мета“ доби казна од 390 милиони евра поради употреба на лични податоци за реклами

Компанијата „Мета“ доби казна од 390 милиони евра поради кршење на правилата на Европската Унија за заштита на лични податоци.

Ирските регулатори за заштита на лични податоци велат дека „Мета“ преку своите платформи Фејсбук и Инстаграм од своите корисници барала дозвола за користење на нивните лични податоци што подоцна ги користела за реклами. Според нив, ваквата практика се оценува како незаконска.

Според одлуката, технолошкиот гигант има три месеци да го промени начинот на кој ги прибира и користи податоците за таргетирање реклами.

Од „Мета“ изјавиле дека се разочарани од ваквата осуда и ќе поднесат жалба и притоа нагласиле дека одлуката не ги спречува да прикажуваат пресонализирани реклами на платформите.

Ирските регулатори сметаат дека платформите Фејсбук и Инстаграм не можат да ги присилат корисниците да прифатат нивните лични податоци да се користат за да ги насочат кон реклами, а во спротивно да ја напуштат платформата.

Ова значи дека компанијата веројатно ќе треба да го смени клучниот начин на работа според кој функционира целиот бизнис. Најголемиот дел од парите на „Мета“ во 2021 година дошле токму преку рекламите.

Оваа казна е втора, откако во ноември минатата година Ирските регулатори одредија 265 милиони евра казна кога личните податоци на стотици корисници на Фејсбук беа објавени онлајн.