„Амазон“ ќе отпушти 18.000 вработени

Технолошката компанија „Амазон“ планира да укине 18.000 работни позиции со цел да заштеди и да ги намали своите трошоци, јави „Би-Би-Си“.

Ова е најголемиот број на вработени што ќе добијат отказ досега во историјата на гигантската фирма. Во „Амазон“ се вработени околу 1,5 милиони луѓе од светот, а засега оттаму не изјавија во кои држави ќе бидат направени отпуштања, но рекле дека укинувањето ќе ја опфати и Европа.

Познато е дека најголемиот дел од работните места кои ќе се укинат се во продажните места вклучувајќи ги и продавниците „Амазон Фреш“ и „Амазон Го“ како и во секторот за човечки ресурси.

Шефот Енди Џеси како причина за укинувањето на работните позиции ја навел неизвесната економија.

„Не сметаме дека ова е лесна одлука и не го потценуваме тоа како таа ќе влијае врз животите на многуте кои ќе ги опфати. Компаниите кои траат долго поминуваат низ различни фази. Тие не се во режим на експанзија на многу луѓе секоја година“, забележал тој.

„Амазон“ искуси бавна продажба што значително се забележа по пандемијата кога бизнисот цветаше додека луѓето беа дома и постојано купуваа нешто од таму.

Вработените во „Амазон“ се очекува да бидат информирани за своите откази до 18 јануари.

Комбинацијата од ниските приходи од рекламите и потрошувачите кои се трудат повеќе да штедат и да купуваат помалку, значително ги погоди големите технолошки компании.

Други гиганти како „Мета“ во чија сопственост се Фејсбук, Инстаграм и ВатсАп и фирмата за бизнис софтвер „Селсфорс“ неодамна исто така најавија голем број отпуштања од работа.