10 милиони луѓе во Украина се оставени без струја по последните руски гранатирања

Околу 10 милиони луѓе во Украина се без струја по последните гранатирања од страна на руската војска, рече претседателот Володимир Зеленски во синоќешното видео обраќање.

Руските гранати и ракети ги погодиле украинските позиции во неколку региони додека во тек се жестоки борби во регионот на Доњецк на истокот на земјата.

Од Обединетите Нации предупредуваат на опасна хуманитарна криза со тоа што милиони луѓе се соочуваат со постојани недостатоци на струја пред вообичаено долгата и ладна зима која се очекува да ја зафати Украина.

Украинската енергетска инфраструктура се наоѓа под редовни напади од руски проектили последниве неколку недели. Украинските власти велат дека работат на враќање на електричната енергија низ целата земја.

Во меѓувреме, советникот на претседателот на Украина, Олексеј Арестович, информираше дека седум луѓе во Запорожје биле убиени, додека украинската војска успеала да го одбие нападот врз градот Хулиапол, кој се наоѓа источно од градот Запорожје.

Од Меѓународната агенција за атомска енергија повторно повикаа Русија да прекине со сите акции околу украинските нуклеарни централи и веднаш да се повлечат од централата во Запорожје, најголемата нуклеарна централа во Европа.