НМСМ отвори повик за финансиска поддршка на социјални претпријатија

Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) соопшти дека отвориле повик за финансиска поддршка на социјални претпријатија, во рамки на проектот „Социјално претприемништво за младинско вработување“.

Повикот има за цел да го зголеми квалитетот на младите лица преку нивно активирање во инклузивни социјални услуги, развој на иновативни технологии за инклузија на млади лица од ранливи категории, како и да поттикне економско зајакнување на социјални претпријатија предводени од млади.

Од НМСМ велат дека е предвидено да се обезбеди финансиска поддршка за апликации кои ќе се фокусираат на две области:

  • Креирање на нови младински социјални претпријатија;
  • Развој на иновативни технологии и унапредување на услуги/сервиси на постоечки социјални претпријатија кои помагаат за инклузија и вработување на млади Роми, млади без родителска грижа, млади со попречености, млади девојки, млади – излечени зависници од дрога.

Вкупната сума за повикот е 110.000 евра, а од НМСМ велат дека минималната сума која може да биде побарана е 5.000, додека максималната 11.000 евра.

„Очекувани резултати од финансиската поддршка се намалување на стапката на невработеност на младите лица, зголемување на бројот на инклузивни даватели на социјални услуги водени од млади, зголемена проодност на ранливи категории на млади на пазарот на труд и зајакнати“, велат од НМСМ.

Пријавата за повикот за тие кои аплицираат за област 1 е достапна на следниов ЛИНК, додека пријавата за втората област е достапна на овој ЛИНК. Пријавите треба да се достават најдоцна до 10 септември, до 16.00 часот на мејл адресата grants@nms.org.mk.

Целосниот повик е достапен тука.