АМС: Повик до младите да учествуваат во креирањето на новата Национална стратегија за млади

Агенцијата за млади и спорт (АМС) ги повика младите луѓе да учествуваат во креирањето на новата Национална стратегија за млади, за време на денешниот настан на кој се одбележува почетокот на неделата на млади.

Оттаму велат дека преку креирање нова национална стратегија ќе се дефинираат основните принципи и насоки за подобрување на квалитетот на живот на младите луѓе во државата во наредните пет години.

„Станува збор за документ кој треба да ги подобри јавните политиките кои директно ги засегаат младите, особено во делот на вработувањето, образованието, здравствената и социјалната инклузија. Носител на активностите за подготовка на стратегијата е Агенцијата за млади и спорт, а процесот ќе се одвива со поддршка на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Фондот за население на ОН (УНФПА)“, велат од АМС.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски вели дека веќе изработиле методологија за креирање на стратегијата и ги поставиле темелите, а очекува дека до крајот на годината ќе ја имаат и првичната верзија на стратегијата, која ќе биде проследена со Акциски план за 2023 година.

„При тоа, процесот е целосно инклузивен и транспарентен. Нашата цел е да се слушне гласот на младите, да се препознаат нивните заложби, да ги поттикнеме да бидат активни чинители во креирање на процеси кои се важни за нивната сегашност и иднина“, рече Мојсовски.

Од АМС посочуваат дека Националната стратегија за млади 2023 – 2027 година ќе содржи седум главни тематски области, односно младинско учество, младинско информирање, младинска работа, образование, култура, здравје, претприемништво и безбедност, односно насилство. Дополнително, тие посочуваат дека документот ќе опфати и други области, со цел да ги одрази реалните потреби на младите луѓе.

Истовремено, од АМС велат дека процесот на креирање на Националната стратегија за млади 2023 – 2027 ќе биде транспарентен и отворен за учество на сите заинтересирани страни, со целосно почитување на принципите на еднаквост, недискриминација и инклузивност.

Заменик шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Џеф Голдстајн ја потенцираше важноста на младинското учество во подготовката на новата национална стратегија.

„Никој не ги разбира проблемите и предизвиците со кои се соочуваат младите луѓе во државата подобро од вас. Ние треба да ве слушаме вас, а вие со вашите креативни идеи треба да бидете значаен дел од решенијата на овие проблеми и предизвици“, рече Голддстајн.

Инаку, во рамки на одбележувањето на 12 август – Меѓународниот ден на младите, Агенцијата за млади и спорт најавува меѓународна младинска конференција „Младите во Отворен Балкан – шанси и сигурни перспективи за сигурен напредок во регионот“ и доделување на награда за младинско учество.