ЈСП: Дневниот билет почна да се продава и во автобусите

Дневниот билет на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје почна да се продава и во возилата, односно автобусите на јавниот превоз во Скопје, информираат од ЈСП.

Билетот чини 120 денари и важи за повеќекратно користење на сите линии во текот на еден ден, односно може да се користи за неограничен број преседнувања на сите линии, во период од 5 до 24 часот. Овој билет, досега беше достапен единствено во билетарниците и центрите за персонализација на ЈСП Скопје.

„Освен овој тип на билет, како олеснителна околност за сите оние корисници на јавниот превоз кои не поседуваат електронска картичка ‘Скопска’, постои опција за валидирање билет со мобилната апликација ‘Скопска’, која од неодамна е целосно функционална“, додаваат од ЈСП.

ЈСП: Мобилната апликација „Скопска“ – виртуелна автобуска карта е комплетно функционална

Дополнително, од ЈСП апелираа до сите корисници на јавниот превоз да се придржуваат на препораките за заштита од коронавирусот при користење на превозот, односно во автобус да носат заштитна маска.

„Потсетуваме дека ЈСП Скопје нема ингеренции да забранува влез на патници кои при користење на превозот не носат маска, ниту имаме право да ги казнуваме. Единствено, со одговорно однесување на секој поединец, а со оглед на тоа дека превозот секојдневно го користат илјадници граѓани, може сите да придонесеме во борбата против ширење на вирусот“, велат од ЈСП.