30 минутна обука може да го намали адолесцентниот стрес, покажува студија

Нова студија покажува дека стресот што го доживуваат тинејџерите може значително да се намали доколку се практикува 30 минутна онлајн тренинг-сесија што има за цел да го поттикне растoт на добросостојбата на умот и да се охрабри да се гледа позитивно кон реакцијата на телото на стресот.

„Гардијан“ пренесува дека во студијата биле вклучени 4.000 ученици и студенти. Преку изведените заклучоци, научниците сугерираат дека ваквиот пристап може да биде евтин и ефикасен при намалување на адолесцентниот стрес.

Тренинг-сесијата се фокусира на тоа стресот да се види како можност за растење и толкување на физиолошките реакции како што е забрзаното срцебиење како начин за потенцијално подобрување на перформансите на личноста под стрес.

„Се обидуваме да ги промениме ставовите што ги имаат тинејџерите во стресни ситуации. Сакаме да ги убедиме да сфатат дека кога прават нешто што е тешко и кога телото го чувствува стресот од истото, тоа може да биде добро за нив“, изјавил Д-р Давид Јегер, психолог на Универзитетот во Тексас во Остин и прв автор на студијата.

Овој концепт е широко популаризиран во спортската и образовна психологија. Во последниот пристап се додава нов елемент преку кој луѓето се охрабруваат физиолошките знаци на стрес да ги толкуваат како бенефит, на пример чукањето на срцето може да помогне да се мобилизира енергија и да се зајакне протокот на кислород во мозокот.

Досега се направени шест контролирани испитувања во кои д-р Јегер и неговите колеги покажуваат дека 30 минутната сесија остава трајни ефекти врз физиолошките реакции на стресот, академските перформанси и менталното здравје.

Во еден обид на 166 студенти им била направена интервенција или плацебо ефект преку што добиле можност да осознаат повеќе за функцијата на мозокот. Подоцна истите покажале дека имаат помали реакции на стрес базирано врз срцебиењето и други физиолошки мерки.

Во друг експеримент, интервенцијата покажува влијание врз академски успех девет месеци подоцна, со 14 отсто поголема веројатност студентите да ги поминат часовите до крајот на академската година. Во последното испитување, тинејџерите кои ја завршиле сесијата по неколку месеци пријавиле помало ниво на општа анксиозност.