Од утре до 30 септември се ограничуваат трговските маржи на основните прехранбени производи, со одлуката која ја донесе Владата на Северна Македонија на предлог на Министерството за економија. Па така, се утврдува трговска маржа во висина од 5% во трговијата на мало и на големо за белиот леб, сечен на парчиња или цел, белиот шеќер, како и сончогледовото масло за јадење, без ладното цедено масло.
Истовремено, со одлуката се утврдува трговска маржа во висина од 10% во трговијата на мало и големо за брашното од пченица – тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, македонски бел ориз, трајно кравјо млеко со масленост од 2.8%, 3.2% и 3.5% и јајца од кокошка.
Министерот за економија Крешник Бектеши информираше дека според одлуката, за овие производи нема да се пресметуваат оперативни трошоци и не се одобрува рабат и надоместоци кои трговецот на мало ги наплаќа од трговецот на големо и тоа за рекламирање и за изложување на стоките на рафтовите.
„Со оваа oдлука се ограничува растот на цените во наредниот период преку утврдување на висината на трговската маржа која треба да влијание на растот на цените на мало на основните прехранбени производи. На овој начин, евентуалниот раст на цените во трговијата на големо и трговијата мало ќе биде
предизвикан од растот на увозните и берзанските цени, како и растот на производствените трошоци“, рече Бектеши.
Според oдлуката, како што кажа Бектеши, се предлага рабатот и надоместоците да не се одобруваат до крајот на годината.
Инаку, на 1 јуни престанаа да важат анти-кризните мерки со кои исто така беше предвидена мерка за замрзнување на маржите на основните производи за исхрана. Дополнително, една од мерките беше и намалување на повластената стапка на ДДВ за основните производи за исхрана од 5% на 0%. По завршувањето на мерките се зголемија цените на основните прехранбени производи.
[Инфографик] Зејтинот поскап за 20 денари – цените скокнаа откако завршија анти-кризните мерки