Универзитетската полиција не е противуставна, одлучи грчкиот државен совет

Грчкиот државен совет, односно органот што ја штити уставноста во Грција денеска донесе одлука дека формирањето универзитетска полиција не е противуставно и не ги нарушува принципите на академската слобода, објави МИА, повикувајќи се на својата дописничка од Атина.

Агенцијата пишува дека грчката Влада ќе воведе универзитетска полиција, односно „Тимови за заштита на универзитетски институции“, а здруженија од неколку Универзитети, студентски здруженија и организации од Советот на државата побараа да ја разгледа уставноста на владината одлука.

Претседателот на Советот соопшти дека на денешната седница, меѓу другото било одлучено дека конкретниот закон не ги нарушува принципите на академската слобода и ниту една негова одредба не укажува на загрозување на другите индивидуални слободи (синдикат, развојот на личноста, движење итн).

Министерката за образование Ники Керамеос преку „Твитер“ рече дека законот на министерствата за образованеи и внатрешни работи за заштита на универзитетските институции е уставен, додавајќи дека динамично ја унапредуваат нивната политика за „модерна и безбедна средина на знаење, на настава и истражување, каква што заслужуваат универзитетите“.

Министерот за цивилна заштита Такис Теодорикакос,  во чија надлежност е полицијата, исто така преку социјалните мрежи ја коментираше одлуката, велејќи дека продолжуваат „со план и решителност за безбедноста на студентите и професорите на универзитетите, што е предуслов за надградба на универзитетите“.

Инаку, Радио МОФ веќе пишуваше за студентските протести во Грција против полициско присуство на универзитетите. Студенти протестираа во Солун, Атина и други грчки градови, порачувајќи дека „студентите не се криминалци“.

Присуството на полицијата на универзитетите е чуствителна тема во Грција поради крвавата репресија која се случи во ноември 1973 година. Војската и полицијата тогаш интервенираа во Политехничката школа во Атина поради студентски демонстрации против воената хунта.