Први чекори кон популаризирање на комуникацијата за животна средина

„Комуницирањето на важните проблеми и аспекти од животната средина, треба да биде првиот чекор кон подобрување и заштита на природата. Многу често, комплексните и долготрајни процеси, промени и појави во природата бараат едноставен пристап за комуникација во која веста и новоста ќе се пренесе без да се загуби првичната идеја“, велат од Институтот за комуникациски студии (ИКС).

Од ИКС посочуваат дека комуникациските вештини може значајно да придонесат во креирање на подобра животна средина, а токму ова е целта на регионалниот проект „Популаризирање на комуникацијата за животна средина преку онлајн учење и виртуелна мобилност“, финансиран од програмата на ЕУ ЕРАСМУС+.

„Комуникацијата за животна средина претставува мултидисциплинарна област, па затоа тимовите од  Институтот за комуникациски студии, заедно со Машинскиот факултет и поморска архитектура на Универзитетот во Загреб, Катедрата за биологија и екологија на Универзитетот Нови Сад, Факултет за политички науки на Универзитетот во Сараево и Катедрата за биологија на Универзитетот во Тирана го одржаа првиот (kick off) состанок на кои беа воспоставени првичните насоки и правила во кои ќе се одвива овој пионерски проект од оваа област на регионално ниво“, соопштуваат од ИКС.

Целта е секој од партнерите на проектот, велат од ИКС, е да придонесат со своето познавање од комуникација, биодиверзитет, животна средина и енергетика кон изготвување на шестмесечна специјализација наменета за претставници од граѓанскиот сектор, истражувачи, предавачи во образовни институции, вработени во јавни институции и бизнис секторот, новинари, како и сите заинтересирани кои ќе сакаат да се едуцираат и усовршат за професионалци за комуникација во животната средина.

„Проектот ќе опфати обука на обучувачи и изработка на наставна програма, креирање онлајн едукативни материјали, игра за учење и водич за комуникација во животната средина, како и спроведување на онлајн курсеви и хакатон во кои ќе се изработуваат кампањи за решавање на еколошките проблеми во регионот. По завршувањето на професионалната програма, учесниците ќе добијат сертификати и ЕКТС кредити од високообразовните институции кои се партнери во проектот“, посочуваат од ИКС.

Со оваа програма треба да се даде нов пристап во комуницирање на важните прашања околу животната средина како горлив проблем на Западен Балкан, но и да се фрли семе кон важноста на правилно комуницирање со цел справување со еколошките проблеми и климатските промени.