Анти-воени протести низ Европа, помали собири организирани и во Русија

Десетици илјади граѓани вчера се собраа низ градовите од Европа на протести против руската инвазија на Украина, додека истовремено неколку помали собири беа организирани и низ Русија и покрај тоа што локалните власти спречуваат било какво изразување на незадоволство од војната.

Еден од најголемите протести вчера се одржа во Берлин, во организација на германските синдикати. Маршот тргна од Плоштадот „Александерплац“ и се движеше до Бранденбуршката порта.

Најголем број од граѓаните носеа знамиња во боите на Украина, додека други носеа транспаренти со пораки како „Стоп за војната“ и „Мир и солидарност за граѓаните од Украина“.

Дел од учесниците на протестот за АП изјавиле дека се Руси кои се засрамени за постапките на нивната држава.

„Ние сме против оваа војна и сакавме да ја покажеме нашата солидарност. Тоа е најмалку што можеме да сториме во оваа ситуација“, вели Александра Болозерова, руска студентка во Германија.

Нејзината пријателка, Алиа Биктагирова, носеше знак со букви од руска изрека „Не војна“, напишани со ѕвездички алудирајќи на цензурата која се случува во Русија поврзана со војната.

Покрај во Берлин анти-воени протести се одржаа и во Франкфурт, Хамбург и Штутгарт. Низ Европа демонстрации вчера беа организирани и во Варшава, Лондон, Милано, Рим и Лимасол, а украински државјани протестираа и во тајванскиот град Тајпеј.

Во Русија, каде демонстрациите против војната во Украина вообичаено се дочекани со жестоки одговори на полицијата, биле приведени 668 граѓани во 36 градови, соопштија од организацијата за заштита на човековите права ОВД-Инфо.

Силно полициско присуство било забележано силно полициско присуство во централните делови на Москва, во близина на Кремљ. Бројката на луѓе кои излегле на вчерашните протести била значително помала од минатонеделните протести.