[Фото] Отворена првата урбана градина во Скопје – „Бостание“

Во паркот во Ново Лисиче денеска се отвори првата урбана градина во Скопје наречена „Бостание“, која е работена по проект на здружението на граѓани „Зелена Арка“, а реализирана со финансиска поддршка на Град Скопје од 2 милиони денари.

Проектот, како што информираат од Град Скопје претставува уште еден придонес кон остварувањето на концептот за отпорен град, односно приспособување кон климатските промени и зајакнување на урбаната отпорност на Скопје.

„Урбаното градинарство кое зема се поголем замав во градовите низ светот има за цел дружење и зближување на граѓаните преку претворање на јавните површини во градини, односно во оази за производство на здрава храна преку споделување на искуствата и одговорностите. Одржливоста на урбаните градини е заснована на примена на дизајн на самиот терен, при што се земаат предвид сите елементи како што се: микроклимата, геологијата на теренот, искуствата на заедницата во одгледувањето на различните градинарски култури, снабдувањето со вода, електрична енергија, пристапни патишта и друго“, велат од Град Скопје.

Оттаму велат дека успешната изведба и одржувањето на оваа градина, преку заедничкото делување на локалната самоуправа и граѓаните, ќе биде поттик за граѓанските иницијативи за уредување вакви урбани градини и на други локации во Скопје.

„На тој начин, покрај поголемото учество на граѓаните во креирањето на поотпорна и поздрава животна средина и соработката со локалната власт, како и преку личната и споделената одговорност за одржување на градините и поголемото чувство за припадност кон заедницата, ќе се обезбедат поголем број на микроклиматски оази кои ќе ги задоволат рекреативните или едукативните потреби на скопјани“, истакнуваат од Град Скопје.