Нов бран апсења во Белорусија, за два дена уапсени повеќе од 20 луѓе

Белоруските власти приведоа повеќе од 20 лица во последниот бран апсења, продолжувајќи со сузбивањето на противниците на власта на претседателот Александар Лукашенко, една година по спорните претседателски избори, соопштија активистите за човекови права, прнесува „Н1“.

Центарот за човекови права „Вјасна“ денеска соопшти дека повеќе од 20 луѓе се приведени во последните два дена во шест градови во земјата.

Андреј Дмитријев кој беше еден од ривалите на претседателот Лукашенко на изборите на 9 август, минатата година, беше донесен на распит по претресот на неговиот стан во Минск. Тој подоцна е ослободен и не се знае дали има обвиненија против него.

Поранешниот белоруски амбасадор во Словенија, Ихар Лијашчења е уапсен под обвинение за организирање масовни немири, што предвидува затворска казна до осум години.

Меѓу уапсените има и адвокати, политички и еколошки активисти.

Протестите против Лукашенко по спорните избори од минатата година, речиси престанаа бидејќи властите безмилосно делуваа да го искоренат секој облик на несогласување, а лидерите на опозицијата или беа уапсени или принудени да ја напуштат земјата.

Вчера, неколку десетици жени облечени во бело и со црвени цвеќиња, бои кои го претставуваат знамето на опозицијата, сепак мирно маршираа низ Минск.