ЕСЕ: Кризата со Ковид-19 двојно го зголеми бројот на жени зависни од државна помош

Губење на работното место, пад на месечните приходи, зависност од државна помош, отежнат пристап до здравствени услуги се само дел од низата последици со кои се соочија голем број жени во државата во првите шест месеци од пандемијата со Ковид-19, ова го покажуваат наводите во истражувањето на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ).

Според истражувањето на ЕСЕ, просечната плата на жените во периодот од јануари до август минатата година била намалена за 338 денари, додека, како што додаваат, кај 8 отсто од жените, ваквиот пад надминува 8.000 денари. Истовремено, оттаму посочуваат дека пандемијата двојно го зголемила бројот на жени зависни од државна помош, додека бројот на домаќинства кои гладуваат пораснал од 3 на 7 отсто.

„Голем е бројот на домаќинства кои гладувале и покрај тоа што користеле гарантирана минимална помош од државата. Семејствата кои не користеле помош пред пандемијата, но потоа почнале да примаат државна поддршка, биле поизложени на гладување во август 2020 отколку во јануари истата година. Ова недвосмислено укажува дека износот на добиена помош од државата не бил доволен за да можат да ги задоволат своите основни потреби“, велат од ЕСЕ.

Оттаму укажуваат и дека загрижувачки аспект е тоа што пандемијата го отежнала пристапот од услугите во јавното здравство, додавајќи дека секоја трета жена која имала потреба од здравствена заштита, која не била поврзана со коронавирусот, не добила соодветни услуги во јавноздравствените установи.

Од нив, 63 отсто не можеле да стигнат до преглед кај специјалист, а 12 отсто биле оневозможени да направат хируршка интервенција, велат од ЕСЕ, додавајќи дека како последица на тоа, на 20 отсто од овие жени им се влошила здравствената состојба.

„Би сакале да потенцираме дека 41 отсто од овие жени платиле на приватно за здравствените услуги, со што се изложиле на дополнителни трошоци. На тој начин, отежнатиот пристап до здравствената заштита за време на пандемијата ги изложува на дополнителни финансиски трошоци кои може да водат до задолжувања и осиромашување на жените и нивните семејства“, велат од Здружението ЕСЕ.

Целосното истражување, кое, како што велат од ЕСЕ има посебен осврт на жените од ромската заедница е достапно на следниов ЛИНК.