„Avantgarde Fatiguée“ е перфектен коментар на актуелниот општествен момент“ – Нов албум на Чиста Околина

Чиста Околина конечно го објавија долгоочекуваниот повратнички албум „Avant-garde Fatiguée“, по двата најавни сингла, „Си играме со рапот“ и „Малку поети“.

Албумот излегува точно дваесет и пет години по култното деби „Новиот аспект на старата школа“ и започнува ново поглавје во кариерата на македонските хип-хоп пионери.

„Многумина нѐ прашаа зошто одлучивме да го објавиме албумот баш сега, во една кризна, пандемиска година и во услови кога не е можна класична промоција на ова значајно издание. Одговорот е едноставен. Чиста Околина никогаш не биле конвенционален бенд. Работите секогаш ги прават на начин што ним им одговара, без калкулации и без намера да ги следат другите. Уште повеќе, „Avantgarde Fatiguée“ е перфектен коментар на актуелниот општествен момент, па неговото објавување едноставно не смееше да чека подобри времиња“, велат од групата.

Музички, новиот албум на Чиста Околина ја задржува бескомпромисноста по која се познати, но овој пат, таа е засилена со креативна зрелост и силен авторски потпис. Тие храбро ги комбинираат психоделијата на Funkadelic и бунтовноста на Beastie Boys и ги пуштаат низ призма на надреализам зачинет со здрава доза на самоиронија.

„Материјалот е истовремено директен и повеќеслоен, базиран на сонични експерименти во кои детската љубопитност и техничката прецизност живеат во совршена хармонија“, стои во соопштението.

Во албумот како гости се појавуваат Горан Таневски, Bernays Propaganda, LD Pistolero, Smilen и DJ Goce, Ѓоле Максимовски, Сеад Хаџиќ – Сецко, Гоце Стевковски, Елена Васова, Диџеј Славе.

Продуцент на албумот е Оливер Димитров, а автор на обвивката е реномираниот сликар и графички дизајнер Атанас Ботев.

„Avant-garde Fatiguée“ на Чиста Околина е достапен на сите интернет сервиси за музика. Може да се слушне и преземе од следниов ЛИНК.