Култура или Фис-Култура: Оставка од министерката за култура за Светскиот ден на театарот

Со театарски перформанс во изведба на драмскиот ансамбл при Струмичкиот театар, пред платото на НУЦК „Антон Панов“ Струмица, иницијатива „Култура или Фис-Култура?“ денеска го одбележува Светскиот ден на театарот.

На настанот учестува и струмичкиот бенд „Дактили“, а е најавено читање на светската и македонската театарска порака напишани од британската актерка Хелен Мирен и македонската актерка Сузан Акбелге. Истовремено, Иницијативниот одбор на „Култура или Фис-Култура“ одлучи да побара итна и неотповиклива ОСТАВКА од министерката за култура Ирена Стефоска.

„Министерката за култура, е натрапник во истото министерство, како што е натрапник фискултурецот што го поставивте за директор на културна институција. Ова е грешка зад кој не можете да се скриете! Културата исчезнува од местата на кои се создава, исчезнува од образованието, во медиумите е присутна само преку скандали. Министерката првично се претстави како месија, а досега не направи ништо за развој на културата, напротив нема создавање нови уметнички вредности“, се вели во дел од барањето за оставката.

Изминатиот период, беа организирани повеќе протести и протестни перформаси, за да побараат сакаат да го изразат својот револт за состојбата во која се наоѓаат културните работници и културата во Северна Македонија.  Од иницијативата „Култура или фис-култура“ му дадоа „црвен картон“ на директорот на НУЦК „Антон Панов“, Васил Бубев кој од неодамна е поставен на функцијата. Иницијативата беше формирана од незадоволството за избор на директорот кој е професор по физичка култура.