Министерство за правда: Бугарските власти дозволија итна екстрадиција на Игор Спасов

Градскиот суд во Софија на 26 февруари донел одлука за итна екстрадиција во Северна Македонија на Игор Спасов, осудениот за убиството на Мартин Нешковски, кој беше уапсен во Бугарија на 1 февруари по распишаната меѓународна потерница, информираа од Министерството за правда.

Ваквата одлука доаѓа откако министерот за правда Бојан Маричиќ на 10 февруари испрати барање до бугарските власти за екстрадиција на Спасов.

Поранешниот полициски службеник Спасов беше осуден на 14-годишна затворска казна за убиството на младиот Нешковски за време на прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, на парламентарните избори на 5 јуни 2011 година.

По Спасов се трагаше од октомври 2019 година, кога не се вратил во затворот „Идризово“, откако претходно беше пуштен поради здравствени причини. Тој првенствено се бараше со национална потерница, а потоа за него беше распишана и меѓународна потерница.

Министерството за правда испрати барање за екстрадиција на Игор Спасов