Министерството за правда испрати барање за екстрадиција на Игор Спасов

Министерството за правда информираше дека по комплетирање на документацијата, Северна Македонија вчера испратила барање до бугарските власти за екстрадиција на Игор Спасов, осудениот за убиството на Мартин Нешковски.

Барањето за екстрадиција доаѓа откако на 1 февруари Спасов беше уапсен во Бугарија по распишаната меѓународна потерница.

Поранешниот полициски службеник беше осуден на 14-годишна затворска казна за убиството на младиот Нешковски за време на прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, на парламентарните избори на 5 јуни 2011 година.

По Спасов се трагаше од октомври 2019 година, кога не се вратил во затворот „Идризово“, откако претходно беше пуштен поради здравствени причини.

Тој првенствено се бараше со национална потерница, а потоа за него беше распишана и меѓународна потерница. На Спасов му остануваа уште 7 години и 3 месеци за доиздржување на затворската казна.

Во Бугарија уапсен Игор Спасов, убиецот на Мартин Нешковски – во тек е постапка за негова екстрадиција