Нуредини: Доколку се утврди дека е потребен нов закон за Водно, ќе започнат иницијативи за таа процедура

Министерот за животна средина средина Насер Нуредини, по реакциите на еко-активистите дека тој и МЖСПП имаат различни ставови за иднината на Водно, во изјава на МИА тврди дека се во постојана координација и не гледа неконзистентност во неговите изнесени ставови, на службите на МЖСПП или од Владата.

Исто така, тврди дека Нацрт Одлуката за Водно и дебатата е отворена, меѓутоа, вели тој, идното интегрирано управување значи носење на План за управување кој не исклучува, туку напротив може да го имплементира во целост и Планот за ерозии и поплави, просторниот план итн. Исто така, отвора можност и за нов закон за Водно, она што беше побарано од еко-активисти и експерти.

„Не смееме да заборавиме дека сите овие аспекти се уредени со законска регулатива, дека урбанистичкото планирање е надлежност на општините и дека идната интегрирана заштита е возможна со добра координација и исполнување на сите обврски. Доколку при анализите се исцрпат сите средства и се исполнат сите обврски и надлежности, но се утврди дека навистина е потребно за Водно да се креира нов закон со поинаков режим, ќе се започнат иницијативи за таа процедура. Сепак, верувам дека после долго време сме сите свесни дека е потребно да го заштитиме Водно што поскоро“, вели тој.

Тој тврди дека е неточно дека претходниот статус на заштита бил од повисоко ниво, а, исто така, тврди дека е и неточно дека категоријата заштитен предел е најниската категорија согласно Законот за заштита на природата.

Нуредини вели дека Владата од ресорното министерство чекала да ги соберат и проанализираат добиените забелешки и да дадат стручен став. Потоа, вели тој, ја информирале Владата за следните чекори – дека во делот на заштитата на природата не добиле забелешки, меѓутоа дека од аспект на останатите прашања за кои беа изнесени грижи, ќе продолжат со дополнителни консултации и координација помеѓу релевантните институции и Градот Скопје како иницијатор на постапката.

„Експертските процени беа дека додека не се разгледаат и исцрпат сите законски алатки и системски решенија за справување со ерозијата, поплавите, просторното планирање и заштита на природата, нема потреба од посебни закони кои би излегувале од институционалната и правна рамка на државата“, вели тој.

Сепак, досега дел од експертите кои што беа гласни во процесот, како професорот од Шумарски факултет, Иван Блинков, нагласија дека е потребно итно стопирање на Нацрт-одлуката за прогласување на Водно за заштитено подрачје според Законот за заштита на природата. Туку, како што рече Блинков, потребно е донесување на лекс специјалис, посебен закон на Водно, исто така изработка на просторен план за Водно и посебен план за управување што ќе овозможи вистински степен на заштита и зачувување на неговата важност.

Стопирање на Нацрт-одлуката за Водно како заштитено подрачје од V категорија побараа и 38 здруженија и иницијативи, предводени од „Го сакам Водно“ и „02 Иницијатива“. Тие побараа сестрана заштита за Водно, потенцирајќи дека Нацрт-одлуката е од многу понизок вид од сегашната на сила за парк-шумата Водно и не вклучува никакви законски забрани.

„Со оваа (не)заштита на околу 40% од површината на сегашната парк-шума Водно ќе се овозможи градење на разни објекти. Ако досегашната многу повисока заштита на Водно која не дозволуваше градби, знаеме како се изигра и Градот не успеа да ја сочува зацртаната граница и покрај таа висока заштита и како резултат никнаа населби како што се Шпанско село, Сончев град итн – внатре во заштитениот појас на Шумата, можеме само да замислиме што ќе се случи со сегашниот предлог каде е (намалена површината на зоната на заштита и) дозволено градење на нови објекти за домување, приватни хотели и сл. Ова не смее да се дозволи по ниедна цена!“, се посочува во писмото на 38 здруженија и иницијативи.