Новогодишните, божиќните, но и сите други прослави на отворен и затворен простор од физички и правни лица во периодот од 18 декември до 21 јануари идната година се забранети, како мерка против ширењето на пандемијата со коронавирусот. Па оттука, не постои некакво ограничување, дали на прославата има пет или дваесет луѓе, таа забрана важи, појаснува во разговор за Радио МОФ, правникот Гоце Коцевски од Македонското здружение на млади правници (МЗМП).
Но откако предпразнично, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски соопшти дека е отворена бесплатна телефонска линија за анонимно пријавување журки и прослави за новогодишната ноќ.
Според Коцевски, останува недоволно јасно и прецизно прашањето, како полициските службеници би можеле да разграничат собир или прослава во едно домаќинство.
„Индикаторите кои што ќе укажуваат на тоа дека се работи за забава, прослава, би била бучавата, музиката, бројот на луѓе кои што се наоѓаат на едно конкретно место, би биле евентуалните поплаки од страни на соседи, други лица. Тие би биле индикаторите кои што укажуваат дека во одредено место се одвива некаква новогодишна свеченост“, објаснува Коцевски.
Меѓутоа, тој посочува дека е важно да се прави разлика меѓу затворен простор кој што не е дом, односно, некаков изнајмен простор, угостителски објект или викенд куќа чија намена е изнајмување соби и слично.
„Многу полесно и без никаков проблем може да се спречи таква забава и кога забавата или кога таа свеченост се одвива во домот на одредено лице. И двете се забранети, меѓутоа кога тоа се врши на некаков простор кој што не е дом, полицијата со самиот увид на лице место, со самото тоа што може да забележи дека постои групирање на луѓе, дека постои музика, дека постојат индиции што укажуваат на тоа дека се работи за некаква свеченост, не постои никаква правна пречка да влезе и да ја спречи таа забава“, објаснува тој.
Истовремено пак, тој додава дека сосема друг момент е кога тоа се работи за одреден дом.
„Полицијата може да се обрати во домот, да дојде, да тропне на врата, да праша што се случува, да добие информации, и ако има индиции, т.е. ако повторно се забележи дека навистина има групирање, дека има постапување кое што е спротивно на оваа забрана, во таа ситуација полицијата може таа забава да ја престане. Меѓутоа, потенцирам дека влезот на полицијата во домот е дискутабилен“, додава Коцевски.
Но, тој посочува дека секогаш може да постои малку пошироко толкување на таквото дејство. Коцевски додава дека непочитување на здравствените протоколи и мерки е кривично дело согласно кривичнот закон, но и дека самата околност дека има групирање на луѓе, гласна музика, претставува на некој начин, како што вели, индиција дека во станот се врши кривично дело.
„И тоа може да се толкува на тој начин, да може да се влезе и без налог. Меѓутоа јас искрено се надевам дека тоа нема да се случува, дека некои уставни процесни гаранции ќе се почитуваат, и дека сепак улогата на полицијата ќе биде пред се, преку препораки, преку давање на насоки, повеќе преку давање совети како да се однесуваат и како да се постапуваат“, посочува Коцевски.
Покрај ваквата неодамнешна забрана за прослави, на сила остана и препораката која ја донесе Владата на почетокот на ноември, со која се препорачува граѓаните да не се групираат во домовите по повод семејни прослави, слави или други собири, во групи поголеми од четири лица.
Неколку месеци претходно пак, во јавноста беше презентиран пакет мерки за спречување на ширењео на коронавирусот, кој меѓудругото ограничуваше колку луѓе можат да бидат гости во некое домаќинство. Ваквата најава наиде на огромни реакции во јавноста, а после одредено време таквиот предлог беше отфрлен.
М.К.