Тимот на „Walkiie app“ меѓу победниците на глобален натпревар со 4000 кандидати

Ѕвезда, Лазе и Елена се три млади лица кои стојат зад Walkiie – мобилна апликација што цели да им го олесни движењето на лицата со попреченост. Пред крајот на 2020 година, тимот беше дел од седумте победници на глобалниот натпревар „IDEAS4ACTION“, организиран од Светска банка и Зиклин центарот при Вартон во Пенсилванија, на кој имаa пријавено 4000 кандидати.

Sвезда е одговорна за комуникација и планирање на активности во тимот, Лазе е мотивацијата и инспирацијата за овој проект кој секогаш дава креативни идеи, a Елена e одговорна за маркетинг и промоција на апликацијата. Тимот на „Walkiie“ е под менторство на Боро Петкоски и технички тим составен од програмер и веб и графички дизајнери.

За процесот на изработка на апликацијата, како таа функционира и за натпреварот „IDEAS4ACTION“, Радио МОФ поразговара со Елена Божиновска. Таа раскажува дека тимот се запознал преку Центарот за младински активизам КРИК, како младински работници за време на одржување на работилници за лица со и без попреченост.

„Ние две како младински работници во КРИК работевме заедно на тие работилници, а Лазе беше еден од учесниците. Со нашето волонтирање и младинска работа со лица со попреченост подолго време, ја увидовме потребата за децата и младите со попреченост почесто и побезбедно да излегуваат надвор со пријатели – врсници. Но согледавме и дека поради нивната интелектуална попреченост тие самостојно не можат да се движат, туку секогаш со нив мора да има придружник. Апликацијата Walkiie е тука за да им помогне на сите оние на кои им треба помош при напуштање на своите домови. Така се роди идејата за Walkiie – апликација за лица со попреченост и за волонтери“, се потсетува Елена.

Таа се надоврзува дека тимот се дружи и работи повеќе од две години, а работата врз апликацијата започнала кога тимот дознал за предизвикот „Generation Unlimited 2019/20“,  каде во првиот круг биле едни од петте победници.

„На предизвикот започнавме со работилници за истражување и развој на апликацијата, за што ни беа потребни околу три месеци. Откако завршивме со истражувањата започнавме да работиме со нашиот техничкиот тим и ни требаше околку три месеци работа за изработка на апликацијата и нејзино лансирање. Низ процесот на изработка на апликацијата се соочивме со многу позитивни моменти и две прекрасни и презначајни победи за нас но и со дилеми за името, за да биде препознатливо, кое пак одлучивме да биде Walkiie, поради тоа што кога двете и ќе се спојат настанува Walk me – оди со мене, однеси ме“, раскажува Божиновска.

Како што објаснува Елена, апликацијата триаголник за подобро општество, а првиот чекор е креирање на сопствен профил.

„Се одбира опцијата корисник или волонтер, каде што корисник е лицето со попреченост, а волонтер е лицето кое сака да се вклучи и да помогне. Волонтерот остава своја фотографија, биографија и термини кога е слободен, потоа корисникот ја гледа листата на волонтери и одбира волонтер и време кои му одговараат, се договараат за точно време и место и последно прифаќаат или откажуваат. Лицата со попреченост ќе можат да извршуваат почесто социјални активности, нивните родители/старатели ќе имаат поддршка и повеќе време за нив, како и сигурност за нивните деца и повеќе време за обврските, а волонтерите пак, ќе го искористат слободното време за добри дела, нагласува таа.

Известени од својот ментор за натпреварот “IDEAS4ACTION”, тимот решил да се приклучи на глобалниот натпревар.

„Заклучокот беше дека апликацијата е добра и има конкретна цел, односно се однесува на SDG 10 и SDG 11 се одлучивме да се пријавиме. Пријавувањето беше во август, а како победници бевме избрани пред неколку дена. Ова е од огромно значење за нас, и секогаш ќе сме горди бидејќи на овој начин сме допринеле целиот свет да слушне за нашата идеја и за нашата земја“,  вели Елена.

Таа додава дека апликацијата во својата бета верзија е достапна на „Плејстор“, но таа е надградувана константно.

„Засега, Walkiie е достапна во бета верзијата на Play Store, но се работи дополнително на нејзините карактеристики се со цел да биде пофункционална, а спремен е и новиот дизајн кој ќе нуди многу нови опции (на пример разговор меѓу корисниците). Ќе се потрудиме во најскоро време да биде достапна и за корисниците на IOS, со цел да бидат опфатени сите оние кои сакаат да бидат дел од Walkiie заедницата“, нагласува Божиновска.

И.С.