„Не ја предаваме историјата“ – студенти на УКИМ со герила акција против новиот образовен концепт

„Не ја предаваме историјата“, „Но пасаран“ и „Јас не ја разбирам Мила“ се дел од пораките кои денеска се појавија на кампусот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и пред Влада.

Станува збор за герила акција на студенти од Институтот по историја при Филозофскиот факултет, со која се спротивставија на понудениот Концепт на Министерството за образование и наука за основно образование.

„Како историчар ми пречи тоа што таканаречениот Концепт што го понуди МОН е донесен без консултација со професорите историчари и без воопшто да се информира струката што утре ќе треба да ги спроведе „реформиве“ во дело во училиштата. Ми пречи и тоа што идејните творци на т.н. Концепт покажуваат непознавање на материјата што сакаат да ја реформираат. Најмногу ми пречи, пак, тоа што „Концептот“ предвидува интегрирање на историјата со науки од сосема поинаков вид. А сето ова се прави во момент кога македонската историја и македонскиот идентитет се нападнати и оспорени однадвор. Како претседател на сите студенти на Филозофскиот факултет, ми пречи што освен предметот историја се засегнати и редица други предмети за кои кадарот произлегува од неколку Институти на Филозофскиот факултет, што според мене значи дека се загрозува иднината на сите сегашни и идни наставници и професори од сферата на хуманистичките и општествените науки“, вели Димитар Коруноски, дипломиран историчар и претседател на Факултетското студентско собрание на Филозофски факултет.

Претходно, членови за Институтот за историја го орфлија новиот концепт и бараат од надлежното министерство и Владата да го повлечат и да ги прекинат сите активности во врска со предметот Историја.

Со него се предвидува групирање на предметите биологија, хемија, физика и дел од физичката географија во еден предмет – природни науки, додека предметите историја, дел од географија и граѓанско образование би се здружиле во друг предмет – општествени науки. Исто така предметите музичко и ликовно би се здружиле во уметничко образование, а техничкото образование и информатика би требало да се спојат во еден предмет – техника, технологија и информатика.

Ова предизвика бројни реакции од повеќе засегнати страни. Загриженост и реакции за најавените реформи дојде и од Македонската академија на науките и уметностите – МАНУ, од каде побараа систематско и посебно изучување на македонскиот јазик и македонската историја. Потоа и од Факултетското студентско собрание на Природно-математичкиот факултет во Скопје, кои не веруваат дека овие рефомир ќе придонесат за развој на образованието, туку како што велат, само ќе го уназадат.

Денеска, пак, Македонското биолошко друштво (МБД), Сојузот на хемичари и технолози на Македонија (СХТМ) и Друштвото на физичари на Македонија (ДФРМ), упатија писмо до министерката за образование и наука, Мила Царовска, порачувајќи дека тие поддржуваат реформи во образованието по предметот природни науки, но оти во процесот треба да бидат вклучени стручни лица и истите реформи да не се прават избрзано.

„Убедени сме дека како Министер сте свесна дека воведувањето на избрзана и недоволно осмислена реформа во образованието води до повеќе проблеми отколку придобивки и покрај ентузијазмот и добрата волја со кои започнува! Историјата на промените во образованието кај нас укажува дека избрзаните реформи најчесто негативно влијаат на знаењата на учениците, особено по предметите од групата на природни науки, физика, хемија и биологија“, стои во нивната реакција.