МАНУ: Да се обезбеди систематско и посебно изучување на македонскиот јазик и македонската историја

Транспарентно, стручно и целисходно водење на сите реформи на образованието во државата, се работите за кои се залага претседателството на Македонската академија на науките и уметностите.

Тие во своја реакција за најновите реформи во основното образование, бараат систематско и посебно изучување на македонскиот јазик и македонската историја, бидејќи како што велат, „македонскиот народ зборува на македонски јазик, веќе со векови, на територијата на државата и надвор од неа“.

Потоа, во својот допис, тие бараат и динамична рамнотежа меѓу математиката, природните и техничките науки, од една страна, и општествените и хуманистичките науки, вклучувајќи ги етиката и моралните вредности, од друга страна. Покрај ова, бараат и континуиран (на подолг период и без прекин) инклузивен и одржлив економски раст на Северна Македонија.

Од МАНУ потсетуваат дека глобалните реформи на образованието во светот во изминатава деценија се карактеризирале со:

стандардизација на образовните системи и ставање акцент врз критериумите со коишто се мерат резултатите и успехот во образованието, при што критериумите за отчетност се базираат врз тестови, што е тесно поврзано со наградувањето и казнувањето на наставниците и училиштата;

поттикнување на државите да се фокусираат кон наставните програми за математика, природни и технички науки, и кон основна писменост, за сметка на пошироките форми на либерални уметности и прогресивните форми на наставни програми, реализација на наставата и учењето;

трансформација на образованиот систем заснован врз менаџерски модели увезени од бизнис-секторот, при што моделите се водени од пазарните пристапи кои го привилегираат максимизирањето на ефикасноста, профитот и конкуренцијата, наспроти целите кои го промовираат човековиот развој и зајакнувањето на демократските општествени односи;

Со новата Концепција на основното образование се предвидува групирање на предметите биологија, хемија, физика и дел од физичката географија во еден предмет – природни науки, додека предметите историја, дел од географија и граѓанско образование би се здружиле во друг предмет – општествени науки. Исто така, предметите музичко и ликовно би се здружиле во уметничко образование, а техничкото образование и информатика би требало да се спојат во еден предмет – техника, технологија и информатика.

Од Министерството за образование и наука денеска објавија презентација со појаснувања во однос на, како што велат, некои од грижите кои ги имаат граѓаните, наставниците, родителите и учениците за најавената нова образовна Концепција.

Овие реформи предизвикаа бура реакции, особено меѓу професорите од Институтот за историја на Филозфоскиот факултет во Скопје, кои побараа понудениот концепт да биде повлечен и да се прекинат сите активности во врска со предметот Историја.

Своја загриженост денеска изразија и од Институтот за географија на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, од каде побараа да бидат активни чинители во евентуалните промени и да се слушне нивниот глас и мислење.

Од Бирото за развој на образованието, пак, уверуваат дека ниту еден наставник нема да остане без работа, затоа што при изработката на новиот наставен план и застапеноста на задолжителните и изборни предмети, особено внимание било посветено на ангажираност на постоечкиот наставен кадар и искористување на капацитетите со кои што располага секое училиште.