Трката по вакцина против коронавирусот доби нов импулс откако американската биотехнолошка компанија „Модерна“ ги објави последните ветувачки резултати од третата фаза на тестирањето на нивната вакцина.
Анализата која денеска јавно ја соопштија покажала ефикасност на нивната вакцина од 94,5 проценти. Компанијата вели дека сега планираат да побараат итно одобрување дозвола од регулаторното тело на САД во следниве недели.
Во тестирањето биле вклучени 30.000 луѓе од САД, од кои на половината им биле дадени две дози од вакцината по четири недели, додека другата половина добила плацебо. Првичната анализа е базирана на 95 лица кои биле позитивни на Ковид-19.
Само пет од овие лица ја имале примено вакцината од „Модерна“, додека другите 90 инфицирани лица биле од оние што примиле плацебо доза. Според тоа, заклучокот на „Модерна“ е дека нивната вакцина има ефикасност од 94,5 проценти.
Податоците покажале и 11 сериозни случаи на лица заразени со Ковид-19 од оние кои биле дел од тестирањето, но ниту еден од овие случаи не бил кај лицата кои биле имунизирани со вистинска вакцина.
„Целосната ефикасност е извонредна… Ова е сјаен ден“, изјавил Тал Закс, водечкиот истражувач од „Модерна“ за Би-Би-Си.
Овие резултати доаѓаат само една недела откако слични резултати споделија и од фармацевтскиот гигант „Фајзер“ кои заедно со „Бионтек“ развиваат своја верзија на вакцина против Ковид-19. Нивните првични резултати од тестирањата покажаа 90% ефикасност.