Грантови не се дадени на фризерница, туку на претпријатието „Вредност за европско знаење“, т.е. „В.Е.З. трејд“, изјави на денешната прес-конференција претседателката на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност Лидија Димова.
Директорката излезе на прес-конференција по написите на медиумот „А1Он“ во кој се вели дека фризерница од Скопје добила над 270.000 евра од програмата „Еразмус+“ за едукација. Во текстот стои дека фирмата која е со основна дејност „фризерски салони и салони за разубавување“, која исто така е регистрирана и со општа клаузула за бизнис, и било овозможено да добие грантови за проекти од областа на едукацијата.
Таму, дополнително се тврди дека во правилата на „Еразмус“ стои дека правното лице мора да се активно во сферата на едукацијата, обуката, младите и спортот.
„Дури и да беше фризерница, во Еразмус програмата има простор за сите, и за фризерници. Во минатото ние сме давале грантови за фризерници, и тоа не е ништо спорно. Другата манипулација е дека станува збор, се добива впечаток, дека директорката е таа што ги дава парите, тоа е тотално неточно. Ниту директорката, ниту некоја национална институција, ниту некое физичко или правно лице ги дели парите. Парите се делат по строго утврдени критериуми, спред правила кои ги утврдува Брисел“, рече Димова.
Сопственикот на претпријатието Зоран Златковски вели дека претпријатието е квалификувано да ги користи Еразмус програмите. Сепак, не негира дека дејноста на претпријатието моментално е фризерски салон.
„Оваа фирма постои од 2001 година, и од тој период, наваму, работеше со различни дејности. Моментално, според тековната состојба е регистрирана како фризерски салон и салон за убавина. Меѓутоа, со тековната состојба, фирмата има и општа клаузула за дејност, тоа значи дека може да се занимава со се“, рече Златковски.
Два од проектите за кои било аплицирано, односно проекти кои се однесуваат на младинска работа и едукација на младите за медиумската, Златковски рече дека се успешно затворени и дека се поднесени финални извештаи.
„Во тие проекти беа вклучени наставници и ученици од партнерски земји. Резултатите од проектите се приложени во завршниот извештај на НА, еден од проектите ако добро разбрав во меѓувреме е оценет како најдобра практика за 2019 од Македонија, резултатите се видливи“, рече Златковски.
Оценувањето на проектите, Димова вели дека се одвива преку прирачник во кој се состојат сите правила. Објаснувајќи го процесот, директорката посочи дека во однос на проценката на квалитетот на апликациите, тоа го прават надворешни соработници кои се избрани на јавен конкурс од независен странски тим.
„Овие надворешните соработници ги добиваат апликациите, една од алатките кои што ги има во системот е т.н. копче за автоматско доделување на апликациите тоа ви доаѓа нешто слично како акмисот во судството . Ова копче пред јас да дојдам во националната агенција никогаш не беше искористено. Но, откако јас сум дојдена во националната агенција, не само што го притискаме копчето за автоматско доделување на проекти, туку истовремено тоа го правиме со тоа што составувам комисија во која членуваат претставници од НА, кои се занимаваат со проектите, и задолжително во таа комисија членува и внатрешната ревизорка, така што процесот има двојна контрола.
Грантовите кои се добиени, Димова вели дека биле оценети од седуммина евалуатори кои се различно, тврдејќи дека ниту едно име не се повторува од евалуаторите.
Директорката посочи дека ваквата, како што рече, тридневна голгота, се должи на тоа што во јуни објавила сторија во која станувало збор за злоупотреба на 2.2 милиони европски средства.
„Ова е случај кој се наоѓа во јавното обвинителство, а тука прашањата ќе ги поставите кај јавниот обвинител“, рече Димова.
Новинарските здруженија претходно ги осудија заканите од директората на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност Лидија Димова кон новинарот Кристијан Ландов од медиумот „А1ОН“.
Во заедничкото соопштение на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) се посочува дека е неприфатливо државни функционери од позиција на моќ да се закануваат со тужби за навреда и клевета кон новинарите, додавајќи дека, во речиси сите случаи, како што велат, тоа се толкува како притисок врз медиумите и слободата на печатот и обид за наметнување на цензура.