Владата најавува контроли за „Викенд без ДДВ“ и апелира да се почитуваат мерките против Ковид-19

Инспекциските служби за време на „Викендот без ДДВ“, ќе продолжат со интензивни контроли на терен, во делот на почитување на здравствените протоколи, како и на цените на производите, информираа од Влада.

Од таму потенцираат дека Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) ќе спроведува контроли со цел да се спречат можни манипулации со цените на производите.

Конкретно, ДПИ ќе врши контрола дали цените на производите воведени во трговските книги на трговците, соодветствуваат со истакнатите цени на производите. Паралелно ДПИ, ќе спроведува интензивни контроли во однос на почитување на здравствените КОВИД протоколи во моловите и трговијата на мало (маркети, бутици итн).

„Конкретно, во моловите, дали се почитуваат мерките во делот на одржување на физичко растојание меѓу купувачите и продавачите од 1,5-2м, работно време, дали е обезбедена заштитна опрема (маски и ракавици), одржување на ред за влез во продавниците, обезбедени средства за дезинфекција, редари, регулирање на бројот на купувачи согласно квадратурата на продавницата, ред при пробување во продавниците за облека, обeлежани места за чекање пред касите и друго. Во делот на трговијата на мало, ќе се контролира почитувањето на протоколите во однос на запазување на големината на објектот и дозволеното присуство на бројот на купувачи, заштитна опрема за вработените (маски и ракавици), редарска служба, соодветни ознаки за правец на движење. За непочитувањето на здравствените протоколи предвидени се глоби во зависност од големината на трговците“, соопштија од Влада.

[Подкаст] Што е муабетот со Викенд без ДДВ?

Во земјава вчера беше достигнат рекорд на новозаболени од Ковид-19, со регистрирани 386 позитивни случаи на вирусот. Министерството за здравство повторно апелираше до граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита од болеста. Односно, да се одржува неопходното растојание од други луѓе, често да се мијат и дезинфицираат рацете и да се носат маски на лицето.

Носење маска и на отворен простор, забрани за поголеми семејни прослави во домашни услови и групирање на јавни простори по 22 часот се мерките кои се предложени од Комисијата за заразни болести со цел заштита на здравјето на граѓаните, а се очекува Владата да ги прифати.

Една од предложените мерки е задолжително носење на маски и кога луѓето се сами на отворен простор, мерка што предизвика полемики во јавноста. Се постави и прашањето како луѓето ќе бидат мотивирани да се придржуваат кон мерката, односно дали ќе треба паричните казни за прекршок неносење маска, да се зголемат. Според министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, таквата поостра санкција нема да даде ефект.

Втората предложена мерка, која исто така отвори дискусии, е да не може во едно домаќинство да дојдат на гости повеќе од четири лица, без оглед на поводот. Прашањето е како полицијата би извршила контрола, кога не може да влезе во еден дом без судски налог. Министерот Спасовски рече дека домот е „света категорија“, а прашањето е од уставна природа, но и дека секоја одлука што ќе биде донесена.

Комисијата за заразни болести до Владата ќе го поднесе и овој предлот, а потоа дилемите ќе бидат разрешени на владина седница.

Министерот за здравство Венко Филипче синоќа изјави дека верува овие мерки ќе дадат резултат. Но, доколку не дадат сигурно дека ќе има препорака за рестрикции во движењето. Најпрво, како што рече, следи скратување на работните часови на одредени економски субјекти, угостителски објекти, но и рестрикција во движењето.

„Видовме какви искуства имаа некои земји кои нагло ги отворија градинките и училиштата. Затоа ние поучени од тоа, постепено ги отворивме училиштата. Но, тие земји се соочија со еден максимален скок на случаи, нагло оптоварување на болничките капацитети, како на пример во Израел, каде мораа да воведат рестрикција во движењето. Тоа ќе следи ако имаме и понатаму зголемување на бројот на дијагностицирани случаи и дополнително оптоварување на болничките капацитети”, рече Филипче.