Членовите на Владата денеска ја потпишаа Изјавата со која се обврзуваат на отчетно и транспарентно работење.
Кодексот за етичко однесување ги опфаќа министрите, но и сите други функционери назначени од Владата. Вклучувајќи ги и директорите на самостојни органи, директори и членови на одбори на јавни претпријатија, раководни лица во акционерски друштва во државна сопственост итн.
За следење и негово спроведување е задолжен заменик-претседателот на Владата Љупчо Николовски.
Според Кодексот, на секои шест месеци сите функционери треба да доставуваат извештаи за службените трошоци направени при извршувањето на нивните јавни овластувања, информираше Николовски. Тие ќе продолжат да се објавуваат на владината Алатка за отчетност, која како што посочи, ќе биде надградена за да ги опфати сите функционери именувани од Владата.
„Функционерите треба да ги објават сите податоци за својата работа и работата на својата институција на веб-страницата. Односно, сите извештаи за работење, планови за работа, ревизорски извештаи, списоци на вработени, завршни сметки, т.е. сè што е од интерес за граѓаните кога станува збор за работењето на институциите финансирани од буџетот. Доколку не го сторат ова, тие ќе одговараат не само согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, туку и пред Владата“, нагласи Николовски.
Функционерите ќе бидат обврзани да имаат јавно објавен записник за средбите кои ги имаат со лоби организации и ќе бидат обврзани да го пријават секој сомнеж дека се во состојба на конфликт на интереси, и да побараат препораки, забележа Николовски.
„Би сакал да напоменам, дека заедно со мене спроведувањето на Кодексот, дополнително ќе го врши Национален координатор за одговорно владеење и транспарентност. Како задолжен член на Владата за негово спроведување, Кодексот ми дозволува, вербално и писмено да му укажам на носителот на извршна функција дека го прекршил Кодексот и да го поправи однесувањето“, рече тој.
Во случај на непочитување на одредбите од Кодексот, претседателот на Владата може да изрази официјална критика за однесувањето на лицето кое не го почитувало, да побара политичка одговорност или да покрене иницијатива за информирање на надлежни институции.
„Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата, е обврска да го практикуваме она што го говориме, и јас искрено очекувам тоа најискрено и целосно да го прави токму овој состав на Владата“, рече премиерот Зоран Заев при по потпишување на изјавата.
Според него, прифаќањето на Кодексот е гаранција за граѓаните дека секој од владините функционери ќе го даде својот личен придонес за издигнување на важноста на однесувањето на носителите на јавни функции придржувајќи се по принципите на добро управување на највисоко политичко ниво.
„Однесувањето на секој член на Владата и на секој именуван и избран функционер, и нивното придржување до принципите на добро управување, демонстрирајќи интегритет, транспарентност, отчетност, правичност и непристрасност, е наш врвен приоритет во наредниот период. Јакнењето на системот на етички исправно и добро управување кој влева доверба, ќе им служи на сите граѓани без исклучок и со кој градиме правично и еднакво општество за сите, “, додаде премиерот Заев.