Протоколите за работа на студентските домови стојат во Комисијата за заразни болести

Протоколите за работа на студентските домови сѐ уште стојат во Комисијата за заразни болести, изјави министерката за образование Мила Царовска, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес конференција во Владата.

„Протоколите за отворање на студентските и училишните домови се во Комисијата за заразни болести. Двете министерства (Министерството за образование и наука и Министерството за здравство н.з.) разговараат за оние прилагодувања што треба да се направат за на крајот Комисијата да може да ја донесе конечната одлука. Штом Владата ја донесе одлуката, каква и да е, јавноста ќе биде известена“, изјави Царовска.

Инаку, носењето на протоколите за работа е првиот чекор кон повторното отворање на студентските домови. Така на пример, протоколите за работа на градинките беа донесени три месеци пред да се донесе одлука и за отворањето на градинките, а за следење настава со физичко присуство во училиште, еден месец пред одложениот почеток на училишната година.

Радио МОФ во меѓувреме пушти повик до студентите од кои побаравме да ни снимат свои видео изјави во кои ќе ни кажат „Зошто (не)сакам да се отворат студентските домови?“.

Видео предизвик на Радио МОФ на тема – Зошто (не)сакам да се отворат студентските домови?

Сите студентски домови беа затворени во месец март, во исто време со затворањето на градинките, училиштата и факултетите, откако беа регистрирани првите случаи на зараза со Ковид 19 во земјава.