[Галерија] Отворена инсталацијата „РE Употреби го умот“ во Градски парк

Во вториот дел во Градски парк во Скопје вчера беше претставена инсталацијата „Ре Употреби го умот“ на ХОПС – Опции за здрав живот, кои заедно со пријателите и поддржувачите се дружеа преку музиката на диџеј Чваре.

Како што објаснија од ХОПС, се работи за инсталација која има 4 лица и во нив се вградени повеќе од 400 реупотребени пластични шишиња, 6 реупотребени палети, 160 растенија, 400 литри земја и минерал, 7 пара вредни раце, многу љубов и желби за заедништво.

Изработена е од луѓе што употребуваат дроги, кои, велат од ХОПС, се едни од најмаргинализираните, најдискриминираните и најстигматизираните луѓе во нашата земја, па и генерално пошироко во светот. Со ваквата инсталација и своите секојдневни дела, може да придонесат со квалитетна и интересна содржина за Градот и да го покажат својот капацитет, креативност, инспирација и придонес кон заедницата.

Едниот дел од инсталацијата е Завземи став – Take a Stand, зелен вертикален урбан простор кој овозможува изразување на позитивниот став на младите. Тука може секој да застане и да го каже гласно или да го напише и нацрта своето позитивно мислење.

Целта е да се мотивираат и предизвикаат младите а и останатите, да го искажат својот став за подобро заедничко утре и еднакви можности за сите.

Другото лице е Биди зелен – Go Green – вертикална градина. Ова е градина во која се насадени желби и надеж и за подобра заедничка иднина. Симболично, заедниците го повикуваат општеството, да седнат на астал и да се отпочне дискусија за предизвиците и нивно решавање.

На астал – On The Table – произлегува од „Да седнеме на астал“, на трпеза и да разговараме, картите на маса. Седни размисли – Sead down and think e место каде може да се седне, да се размисли. Целта е да се поттикне повеќе размислување и превземање одговорност. Повеќе пати да размислиме пред да кажеме нешто несакано. Предвиден е и простор каде младинските организации може да оставаат свои инфо/едукативни четива / флаери.

„Преку инсталацијата покажуваме дека и заедниците можат и треба да имаат можност и за реинтеграција во општеството и можност за економски бенефит. Кај младите сакаме да ја поттикнеме и подигнеме свеста за инклузивноста и личната и општествена одговорност“, соопштија од ХОПС.

ХОПС е организација која повеќе од 20 години работи на полето на намалување на штети од употреба на дроги, дава максимална поддршка на луѓето кои употребуваат дроги и сексуалните работници преку развивање на програми. Пример, здравствена програма за давање основни здравствени услуги и психосоцијална поддршка, правна програма за давање бесплатна правна помош и една од најважните програми што ја развиле – програмата за рехабилитација и ресоцијализација на луѓето кои употребуваат дроги.

Инсталацијата е дел од проектот „Креативна акција за општествени промени”, поддржана од Civica Mobilitas, Град Скопје, ЈП „Паркови и зеленило“ и Флораком.

Бојан Шашевски