МЖСП: Се чекаат анализите од мострите за црвената вода во Вардар

Министерството за животна средина соопшти дека се чекаат мострите од анализите на водата во Вардар, земени пред два дена, кога беше добиена дојава за загадување на река Вардар.

„Отпадната вода од колекторот која се влива во река Вардар беше со видлива црвена боја. Поради овој факт веднаш се земени мостри од отпадната вода што излегува од колекторот за хемиска анализа. Земените мостри се однесени во акредитирана лабораторија и е во тек нивно испитување“, соопштија од министерството.

Тие дополнуваат дека државните инспектори излегле на терен и направиле инспекција на два правни субјекти под нивна надлежност, „Либерти“ и „Макстил“, за кои констатирале дека и од двете инсталации нема забележано појава на истекување на црвена отпадна вода.

„ Во момент на надзорот погонот Лужилница не  беше во работен режим,односно производниот процес беше целосно сопрен.Погонот е запрен со работа на ден 10.07.2020 година во вечерните часови. При увид во пречистителната станица  утврдено е дека во истата доаѓа отпадна вода од Погон за пластифицирање на лим,и од пречистителната станица истекуваа 210 литри/час отпадна вода која е безбојна. Исто така се изврши визуелен увид и во пречистителната станица на Макстил АД-Скопје, и од истата истекуваше безбојна отпадна вода од 100 м3/час“, велат од Министерството.

И од „Либерти“ (поранешно Арцелор Митал) соопштија дека не се причина за овонеделните објави за загадување на реката Вардар.

„Компанијата спроведе сеопфатна ревизија на својата постројка за третман на отпадни води и може да потврди дека непрестајно работи во рамки на сите релевантни параметри, без проблеми. Исто така, прегледани се и редовните мерења кои континуирано се спроведуваат, кои и понатаму се далеку под ограничувањата утврдени во работната дозвола“, велат од „Либерти“.

Повторно пожолте реката Вардар кај Долно Лисиче, инспекторите се на терен