Се подготвуваат капацитети за сместување пациенти од Ковид19 наесен – опција се и неколку студентски домови

Министерството за здравство работи на подготовка на нови капацитети во кои ќе може да се згрижуваат пациенти од Ковид-19 во претстојниот есенски период, соопшти денес министерот Венко Филипче на прес-конференција.

Според него, се разгледува и опцијата студентските домови во Охрид и Битола да станат болнички капацитети, односно да бидат искористени за сместување на пациенти. Сепак, тоа останува да се изменаџира подетално во наредниот период, посочи тој.

„Имав средба со повеќе директори на повеќе болници во изминативе денови во Штип, Охрид и во Битола. Разговараме и ги разгледуваме евентуално дополнителните капацитети кои би можеле да се користат како болнички. Има неколку студентски домови, сега ќе биде дискусија дали тие ќе може да ги користиме, во Охрид конкретно, во Битола… кои се сосема добри, солидни и со кујни, може да се сместуваат пациенти. Но, е прашање како тоа ќе се изменаџира во следниот период со Министерството за образование секако, и како ќе бидат тие капацитети исполнети со студенти“, најави миинистерот Филипче.

Тој лично смета дека есенските месеци ќе бидат голем ризик за влошување на ситуацијата.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали имаат конкретни мерки за градинките и училиштата, Филипче вели дека со отворањето на овие воспитно-образовни објекти, повторно ќе дојде до поголема комуникација меѓу младите, а со тоа и дополнителен ризик, па затоа, посочи тој, се подготвува дополнителен број на кревети, надвор од сегашните болнички капацитети.

„Повторно е до сите нас, затоа што колку повеќе ги почитуваме мерките и колку повеќе граѓаните носат маска и при такви нормални активности организирани како претходно, практично го сведуваат ризикот на минимум од пренос на вирусот“, истакна тој.

Во изминатото деноноќие, пет лица починаа од Ковид-19, а регистрирани се 78 нови случаи од 894 тестирања. На прес-конференцијата, Филипче соопшти дека засега нема знаци дека постои друго потенцијално жаирште, освен сегашните Скопје, Тетово и Гостивар и упати апел до граѓаните да даваат точни податоци на епидемиолошките анкети.

Во однос на границите на државата, тој рече дека е можно наскоро да препорачаат нови мерки доколку утврдат дека ризикот од влез на граѓани од околни земји може да го загрози домашниот систем.